среда, февруари 25, 2026
Дома СКОПСКА Најмладите преку куклена претстава учеа правила за безбедно движење по улиците

Најмладите преку куклена претстава учеа правила за безбедно движење по улиците

12

Општина Кисела Вода беше домаќин на превентивно-едукативен настан посветен на безбедноста на најмладите, кој се одржа денеска, во Домот на културата „Билјана Беличанец“.

Оваа активност е во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), со поддршка од МВР, СВР Скопје и од Општина Кисела Вода.

Во рамките на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, учениците од прво одделение од основните училишта „Круме Кепески“ и „Кирил Пејчиновиќ“ имаа можност преку специјално подготвена куклена претстава да учат за основните правила за безбедно движење по улиците.

Претставата ја проследија и: министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски; градоначалничката на Општина Кисела, Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска; директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев; претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски, како и претставници на МВР и СВР Скопје.

– Безбедноста на нашите деца е наш приоритет, а едукацијата од најмали нозе е клучот за градење здрава сообраќајна култура. Има исклучителна корист од ваквите активности, бидејќи превенцијата секогаш дава најдобри и трајни резултати. Тесната меѓуинституционална соработка не е само фраза туку и неопходност. Само преку заеднички и координирани напори можеме реално да ја гарантираме сигурноста на нашите граѓани – истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Таа додаде дека паралелно со овие едукативни процеси, како локална самоуправа, континуирано работат и на унапредување на сообраќајната инфраструктура во целата општина.

– Нашата цел е да овозможиме безбедна инфраструктура и едуцирани учесници, кои ги почитуваат правилата – нагласи Стаменкоска-Трајкоска.

Кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ ќе продолжи и во наредниот период. Крајна цел на оваа заедничка заложба се континуираното зголемување на безбедноста на патиштата, минимизирањето на ризиците во сообраќајот и градењето генерации со висока сообраќајна свест.

 

ИЗДВОЕНИ