Најмалите од Дексион ќе добијат нова градинка

1

Во урбаната заедница Дексион на територијата на Општина Ѓорче Петров, вчера, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и на заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, како и на градоначалникот Александар Стојкоски, беше означен почетокот на изградбата на нова детска градинка.

Објектот е со површина од 900 квадратни метри, со капацитет за 120 деца. Рокот за изградба е две години, а инвестицијата на Општината изнесува 81.964.479,19 денари со ДДВ.

Објектот е проектиран според највисоките европски стандарди за безбедност, пристапност и енергетска ефикасност, со занимални, голем централен хол, современа централна кујна, целосна пристапност за лицата со попреченост, детски игралишта, зеленило, урбана опрема, топлински пумпи и соларен систем за помали трошоци.

Со пуштањето во употреба на градинката, ќе се обезбедат нови места за прием на децата, ќе се намалат листите на чекање, ќе се отворат нови работни позиции и ќе се растоварат постојните капацитети.

Премиерот Мицкоски истакна дека одеднаш се градат неколку градинки во Општина Ѓорче Петров и оти е убеден дека за многу кратко време листата на чекање веќе нема да биде листа на чекање, туку на секое дете што ќе сака да оди во градинка, односно што ќе има потреба од сместувачки капацитет, ќе му биде овозможено тоа.

– Континуирано вложуваме во образованието, раниот детски развој и во создавањето современи, безбедни и достоинствени услови за најмладите жители на Ѓорче Петров. Со овие проекти, градиме иднина што е стабилна, квалитетна и насочена кон семејствата и кон децата – изјави Стојкоски.

Стојкоски најави уште три вакви објекти во наредните четири години.

ИЗДВОЕНИ