Во пресрет на најголемиот христијански празник, Велигден, Општина Крива Паланка организира богата програма и уникатно декорирање на центарот на градот, што ќе донесе радост и убаво расположение кај сите генерации, информираат од Општината.
Градскиот плоштад и кејот на Крива Река се разубавени со раскошни цветни леи, внимателно аранжирани декорации и автентични велигденски реквизити.
Според градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, декорациите создале празнична атмосфера и предизвикале насмевки кај помладите, но и кај повозрасните минувачи и посетители.
– Нема поубава глетка од тоа да ги гледаш своите сограѓани среќни. Првпат оваа година Крива Паланка доби уникатна, претпразнична велигденска декорација, која разбуди убаво расположение и донесе радост и насмевки кај сите минувачи. Оваа претпразнична убавина е уште еден пример за грижата на Општина Крива Паланка за убавината на градот и за доброто расположение на своите граѓани и на сите посетители – изјави Митовски.
Деновиве во градот ќе се одржат повеќе културни манифестации. Денеска беше „Априлијада 2026“, која беше одложена поради неповолните временски услови минатата седмица, додека в недела, на првиот ден Велигден, по празничната литургија во храмовите, ќе се одржи масовната традиционална манифестација „Велигденска традиција“, во црковниот комплекс „Свети Никола“ во селото Градец, со почеток во 12:00 часот.
Организатори се Општина Крива Паланка и Градскиот музеј – Крива Паланка, а манифестацијата ќе понуди забавни активности за сите генерации, со музичка програма, велигденски подароци, награди и заедничка прослава на Велигден во духот на заедништвото и традицијата.












