„Делото ‘Кој кого гледа?’ го акцентира ‘вмрежувањето’ преку разни социјални мрежи и интернет комуникација, каде што сме сите на некој начин, повеќе или помалку поврзани, како и за нивното влијание и моќта што ја имаат во денешното време кога многу често сме оптоварени од лајкови, број на прегледи, море информации, бомбардирани од разни извори…“, вели за весникот ВЕЧЕР, уметницата Велковска

 

„Цртеж, експериментален цртеж“ е насловот на изложбата на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), која деновиве привлекува голем интерес кај љубителите на ликовната уметност, токму поради изложените дела кои можат да се видат во „Мала станица“. Пред јавноста се прикажани цртежи на над триесет автори, а наградата од својата фела годинава ја доби уметницата Ивона Велковска со своето дело „Кој кого гледа?“.

„Секогаш е чест и мотивира, а воедно и обврзува кога добивате признание од свои почитувани колеги, колешки уметници кои со своето творештво и бројни активности постојано ја развиваат ликовната сцена во и надвор од државата. Насловот на моето дело ‘Кој кого гледа?’ го акцентира ‘вмрежувањето’ преку разни социјални мрежи и интернет комуникација каде сме сите, на некој начин, повеќе или помалку поврзани, како и за нивното влијание и моќта што ја имаат во денешното време кога многу често сме оптоварени од лајкови, број на прегледи, море информации, бомбардирани од разни извори… Барајќи и гледајќи содржини, кои ја будат нашата љубопитност, забораваме дека во целиот процес, оставајќи електронски записи и ние самите сме набљудувани со сè поприсутни видео надзори, дигитализација…. Таа навлегува во сите сфери на нашето модерно живеење каде што границите на приватноста се губат и каде што сите полека стануваме дел од глобалното шоу на ‘Големиот Брат’“, вели за весникот ВЕЧЕР уметницата Велковска.

Инаку, како што посочува, цртежот е изработен 2025, по зададени димензии 50х70 см на хартија (распишани на конкурсот од ДЛУМ), со молив, но всушност е составен од два цртежа кои со испреплетени и проткаени перфорирани делови кои создаваат една целина.

Претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, пак, за делото на Велковска посочи: „Награденото дело на Ивона Велковска понуди сериозен концепт. Таа со помош на цртачката илузија направи еден обид за поместување во делот, што значи експериментален цртеж. Изложбата „Експериментален цртеж“ ќе патува во Софија, а наградениот учесник ќе биде лично присутен на отворањето на изложбата во октомври. Оваа изложба годинава ќе биде презентирана и во Табор, Република Чешка“.

Инаку, „Експериментален цртеж“ додава Манева-Чупоска, е прва изложба од програмската активност на ДЛУМ за годинава.

„Ова е многу значајна изложба за нас како здружение бидејќи секоја година добиваме сè поквалитетни дела. Очигледно е дека авторите ја сакаат изложбата и за нив претставува силна провокација да експериментираат во повеќе насоки, во техниките на изразување, но и во и во оној мисловен творечки процес“, додава Манева-Чупоска.

Маја Рауник Кирков, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ, пак, посочи дека ДЛУМ на оваа традиционална изложба претстави дела, како во традиционална смисла, така и цртежи кои претставуваат концепт и длабока рефлексија и отстапуваат од воспоставените норми.

„Годинава во претставените дела, цртањето ги отвора новите простори со преиспитување на површината и трајноста на хартијата како фундамент на овој ликовен медиум. Уметниците презентираат цртање со нетрадиционални материјали – чад, конец, метална жица, силиконско лепило….  Во други дела уметниците истражуваат гест и процес, третирајќи го чинот на цртање како перформативен и на тој начин вклучен во секојдневната реалност, но не разбрана како илустрација, туку како размислување преку процесот. Значаен е растечкиот интерес за материјалните и просторните димензии на цртежот. Посебно треба да се потенцира определбата на уметниците да го користат цртежот како средство за деконструкција – на иконичноста, архивата, на себеси…“, посочува Рауник –Кирков.

Изложбата ќе биде отворена до 30 мај. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ