Нафта за градските автобуси има, барем засега

33

Состојбата со јавниот градски превоз во главниот град од денеска се стабилизира.

Проблемот со недостигот на нафта е надминат. Претседателот на Независниот синдикат на возачи во ЈСП, Африм Муча, вели дека автобусите редовно сообраќаат, онолку колку што ги има, со оглед на тоа што голем дел од нив не се во возна состојба.

Тој истакна дека „Пуцко петрол“ и натаму ќе продолжи да ги снабдува со нафта.

Инаку, според Муча, проблемот со  јавниот превоз поради недостиг на нафта започнал во саботата, а ескалирал во понеделникот, откако скопската градоначалничка, Данела Арсовска, информираше дека главниот снабдувач на автобусите на ЈСП со гориво, „Пуцко петрол“, го запрел доставувањето нафта и покрај важечкиот договор со ЈСП  „Скопје“. Тогаш возилата на ЈСП почнаа да се повлекуваат во гаражите. Арсовска, во известувањето до медиумите, истакна дека ќе биде поведена соодветна постапка против Асмир Јахоски и „Пуцко петрол“ за материјална и кривична одговорност, како последица на непочитување на договорот за снабдување на ЈСП со нафта, со што имале цел автобусите на ЈСП да престанат да сообраќаат.

Но, од „Пуцко петрол“ образложија дека е прекинато доставувањето, бидејќи ЈСП им должи 10 милиони евра по фактури стари повеќе од две години, а вчера рекоа дека, и покрај долгот, ќе продолжат да го снабдуваат со нафта.

 (А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ