Легендарниот шпански тенисер, Рафаел Надал, во новиот документарец откри интересен детаљ од еден од најпознатите моменти надвор од тениските терени – снимањето на спотот за песната „Gypsy“ со Шакира.
Станува збор за 2010 година, период во кој шпанскиот тенисер ја имаше една од најдоминантните сезони во кариерата. Надал тогаш ги освои Ролан Гарос, Вимблдон и САД опен.
Паралелно со успесите на теренот, неговата популарност вртоглаво растеше, а Надал стануваше сè поинтересен за медиумите и за светот на шоу-бизнисот.
Токму тогаш Шакира го покани да се појави во видеоспотот за „Gypsy“, кој подоцна привлече огромно внимание ширум светот.
Во видеото, Надал се појавува во неколку впечатливи сцени, а хемијата меѓу него и колумбиската ѕвезда веднаш предизвика бројни коментари кај обожавателите.
Сепак, шпанскиот ас признава дека целото искуство не му било воопшто лесно.
Во спотот Рафа откри дека морал да се опушти пред камерите.
- Се сеќавам дека снимав видео со Шакира. Морав да побарам шише текила и да испијам неколку чашки за да се опуштам малку, раскажа Надал.
Иако на теренот секогаш изгледаше самоуверено и сигурно, пред камерите ситуацијата била сосема поинаква.
- По освојувањето на САД опен, настана вистинско медиумско лудило. Но, никогаш не ми се допаѓаше да бидам во центарот на вниманието, призна шпанската легенда.
Неговиот портпарол Бенито Перез-Барбадиљо потврди дека Надал секогаш професионално ги исполнувал обврските, но дека јавните настапи и камерите не биле нешто во кое уживал.
И покрај тоа, видеото со Шакира и денес останува еден од најкоментираните моменти во неговата кариера надвор од тенисот, а признанието за текилата само дополнително ја доближи приказната до обожавателите ширум светот.











