Полицијата ширум Франција уапси најмалку 1.800 лица откако насилни групи се судрија со полицајците и ограбуваа продавници за време на демонстрациите низ целата земја. На протестите учествуваа стотици илјади луѓе, загрижени поради растот на трошоците за живот и лошите услови во училиштата.
Францускиот претседател Емануел Макрон попладнево ќе одржи итен состанок со високи владини претставници, по што во 20:00 часот ќе ѝ се обрати на нацијата, соопштија од неговиот кабинет.
Властите известија дека во саботата, маскирани групи подметнувале пожари и напаѓале јавни објекти – вклучително и згради на општинските власти – во неколку градови.
Париската полиција денеска соопшти дека само во регионот на главниот град биле уапсени 855 лица.
Според официјалните податоци, на протестите низ Франција учествувале околу 550.000 луѓе, додека организаторите тврдат дека бројката била поблиску до 800.000. Повредени се повеќе од 500 полицајци, жандарми и пожарникари.
Едно лице починало од срцев удар, соопшти париската полиција, без да наведе дополнителни детали.
Во околината на плоштадот „Република“ во Париз, извадени коцки од калдрма, скршени излози и парчиња стакло сведочеа за последиците од немирите.
Во Париз, судирите со полицијата за разбивање демонстрации продолжија и вчеравечер, при што против толпата беа употребени солзавец и водени топови.
Во текот на изминатите недели, стотици илјади ученици протестираа поради недостигот на наставници и лошата состојба на објектите во француските средни училишта.
Кон нив се приклучија членови на синдикати и други групи – вклучително и движењето „Жолти елеци“, кое претходно протестираше против зголемените трошоци за живот, пренесе „Бета“.












