Неколку илјади млади Албанци денеска се собраа пред Министерството за образование во центарот на Тирана, одбележувајќи го петтиот ден од растечкото движење предводено од студенти, кое бара оставка од премиерот Еди Рама.
Протестот стана насилен кога група маскирани млади луѓе почнаа да фрлаат камења кон полицијата за разбивање демонстрации, која одговори со шок-бомби, солзавец и водени топови.
Демонстрациите, поттикнати од корупцијата и недостигот на работни места, почнаа да се шират низ Албанија.
Оваа недела во Тирана, демонстрантите кршеа прозорци, подметнуваа пожари во владини згради и се судираа со полицијата.
Според податоците на полицијата, досега се приведени 500 демонстранти, од кои 330 веќе се пуштени на слобода.
Повредени се околу 120 полицајци и 45 демонстранти, иако е веројатно дека многу повреди меѓу демонстрантите останале нерегистрирани.
Овие немири претставуваат најголема закана за Рама, кој е на власт од 2013 година, а минатата година обезбеди и четврти мандат.
Немирите доаѓаат по неколкумесечни, главно мирни протести, кои беа поттикнати од плановите за изградба на луксузно одморалиште на недопрениот јужен брег на Албанија. Проектот е поддржан од инвеститори, меѓу кои е и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Владата на Рама се соочува со бројни корупциски скандали, а аналитичарите посочуваат дека Албанија станала центар за криминални групи кои перат пари стекнати од трговија со дрога и оружје – ситуација што ги попречува напорите на земјата за пристапување кон Европската унија.
Рама, кој ги негира обвинувањата за незаконски дејствија и оваа недела изјави за „Ројтерс“ дека нема да поднесе оставка, денеска рече дека неговата влада ги почитува студентите и ќе го заштити нивното право на протест.
„Мојата одговорност е уште појасна во овие тешки времиња: да ги заштитам нашите граѓани, да гарантирам правда и да ја водам Албанија напред – заедно со ова владејачко мнозинство, кое има многу јасен мандат – за Албанија да може да стане дел од Европската унија до 2030 година“, изјави тој, пренесе „Бета“.












