Националното собрание на Франција му изгласа недоверба на Бајру – по падот на владата, на Макрон му остануваат неколку опции

44
Фото:EPA/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Францускиот премиер Франсоа Бајру го изгуби гласањето за доверба што самиот го побара за својата влада.

Националното собрание на Франција гласаше за негово разрешување со 364 гласа „за“ и 194 „против“, со што се собори неговата малцинска влада.

Бајру сега мора да ја поднесе својата оставка до претседателот Емануел Макрон, а според француските медиуми, тој ќе го стори тоа утре наутро.

Макрон има неколку опции – и ниту една од нив не е особено привлечна, пишува „Би-би-си“.

Тој може да назначи нов премиер, но наоѓањето кандидат кој нема веднаш да биде одбиен од една од главните парламентарни фракции нема да биде лесно. Минатата година, тој процес траеше неколку недели. Додека не се именува наследник, Бајру веројатно ќе остане на функцијата како технички премиер.

Макрон би можел да распише и нови парламентарни избори. Ова би го променило моменталниот баланс на моќ, но би можело да резултира со уште поубедлива победа за крајно десничарскиот Национален собир (RN) на Марин Ле Пен.

Друга опција е да се распишат претседателски избори на кои Макрон нема да може да се кандидира бидејќи неговиот втор мандат завршува во 2027 година. Некои парламентарни групи го повикуваат да го стори тоа, но тој постојано повторува дека нема да поднесе оставка.

ИЗДВОЕНИ