„Европската турнеја започнува на 12 ноември со концерт во Будимпешта (Аула Магна), на 14 ноември ќе настапиме во Прага во ‘Ла Фабри’“, а на 17 ноември ќе свириме во Виена во клубот ‘Порги и Бес’. Се работи за комплетно македонски проект со македонски аранжмани од македонски автори“, посочува Гоце Стевковски, директор на Националниот џез-оркестар. Тој ги најави и настапот со „Јелоуџекетс“, концертот „Рокенрол ин џез” со Влатко Стефановски, Дарко Рундек и Рамбо Амадеус, како и новогодишниот детски џез-концерт 

Националниот џез-оркестар, со музичкиот проект „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams), кој претставува енергична фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, ќе се претстави во рамките на европската турнеја која од 12 до 17 ноември ќе се одржи во Будимпешта, Прага и Виена. Како што најави директорот, Гоце Стевковски, оркестарот ќе одржи концерти во едни од најпрестижните џез-клубови.

„Европската турнеја започнува на 12 ноември со концерт во Будимпешта (Аула Магна), на 14 ноември ќе настапиме во Прага во ’Ла Фабрика’, а на 17 ноември ќе свириме во Виена, во клубот „Порги и Бес“. Материјалот со кој ќе се претставиме е спој на веќе постоен џез-композиции од наши автори и на фолклорни мотиви, односно преработки на македонски ора, со што ја споивме традицијата со современ џез. Ова е многу важна приказна за нас и она што е битно е што свириме комплетно нова програма. Сметавме дека е најдобро да се потпреме на сопствени квалитети и визија. Се работи за комплетно македонски проект со македонски аранжмани од македонски автори“, посочи Стевковски.

Инаку, како што велат од оркестарот, турнејата е промоција на македонската музичка традиција во современ контекст пред европска публика, како и поттикнување на меѓународна културна размена и воспоставување на нови партнерства со фестивали, институции и музички сцени во Европа.

ОД НЏО посочија дека што поскоро ќе се случи и снимање и издавање на материјалот, како и архивирање на новите аранжмани.

Стевковски, на вчерашната прес-конференција, ги најави и останатите концерти кои ќе се одржат до крајот на годината, па покрај настапот на оркестарот со американскиот состав „Јелоуџекетс“ на 6 ноември, беше најавен и концертот на 8 декември, насловен како „Рокенрол ин џез“ со Влатко Стефановски, Дарко Рундек и Рамбо Амадеус.

На 14 декември, пак, ќе се одржи и Новогодишен детски концерт.

„Дел од годишната програма на Националниот џез-оркестар, која традиционално го одбележува крајот на годината со специјален новогодишен концерт посветен на децата, годинава е во соработка со ’Светот на Биби’. Програмата ќе вклучи џез-аранжмани на оригинални композиции од светот на Биби, создавајќи забавно, едукативно и креативно доживување за најмладата публика“, беше посочено вчера од страна на Стевковски.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој додаде и дека во тек е последната фаза од реновирањето на просториите за НЏО во рамките на Националната опера и балет.

„Останува да се најде изведувач за внатрешно уредување, односно акустичко и ентериерно оспособување на просторот за да може таму да почнеме со работа“, додаде Стевковски. (Д. Т.)

Легендарниот американски состав „Јелоуџекетс“ во Скопје

Националниот џез-оркестар на 6 ноември, со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет, ќе настапи заедно со легендарниот американски состав, пионерите на џез-фјужн жанрот – „Јелоуџекетс“. Диригент на концертот ќе биде единствениот Боб Минцер, долгогодишен член на составот и еден од најистакнатите современи џез-музичари. Според директорот на НЏО, Гоце Стевковски, концертот претставува исклучителен музички настан бидејќи ја претставува соработката меѓу македонската и американската џез сцена.

– Концертот ќе понуди спој на енергија, импровизација и уметничка зрелост, карактеристични за двата ансамбла, посочува Стевковски.

Угледното списание „Џез тајмс“ ќе ги опише како „совршено запалив електро-акустичен состав, чии интелигентни, често предизвикувачки и непредвидливи композиции црпат инспирација од фјужн, пост-боп и современиот џез.“

Во текот на својата богата и повеќедецениска кариера, „Јелоуџекетс“ се етаблираат како еден од најзначајните и најпочитуваните состави во џез-фјужн жанрот. Со 25 издадени албуми, две престижни награди „Греми“ и безброј распродадени концерти ширум светот, тие оставија зад себе музичко наследство што постојано се обновува и инспирира нови генерации музичари и љубители на џезот. На сцената ќе ги видиме „Јелоуџекетс“ во нивниот актуелен состав: Расел Ференте (клавијатури и пијано), Боб Минцер (саксофон), Дан Алдерсон (бас) и Вил Кенеди (тапани).

ИЗДВОЕНИ