Негативните демографски трендови – стареењето на нацијата и иселувањето на младите се голем проблем и за бизнисот. Компаниите последниве години буквално водат битка како да ги задржат младите работници кшто останаа во државата. Од друга страна, дополнителен проблем е наталитетот, кој е многу опаднат и кој е уште еден сериозен предизвик за власта и за бизнисот. Работодавците велат дека засега сè уште се снаоѓаат некако со работна сила, но велат дека ќе биде полошо во иднина. И министерот за економија и труд, Бесар Дурмши, вели дека државата се соочува со сериозни предизвици: намален наталитет, иселување на младите и стареење на населението, што, како што рече, директно влијае врз јавните услуги и социјалните системи.
– Со Оперативниот план за 2025 година, вреден 40 милиони евра, веќе ги поставивме темелите. Планот опфаќа над 16.000 лица, од кои 65 отсто се млади. Поддржуваме самовработување со грантови до 10.000 евра, обуки и менторство, како и програми за доедукација и преквалификација. Финансиската поддршка мора да биде надградена со инфраструктура, дигитална поврзаност и со поддршка за стартап-екосистемот. Истовремено, мора да го вреднуваме искуството на повозрасните работници и да обезбедиме услови тие да останат дел од продуктивниот процес – нагласи Дурмиши.
Нашата иднина, како што рече, се мери во луѓето – во секој млад човек, во секој талент, во секој граѓанин што сака да создава тука, дома. Демографските трендови не треба да ги гледаме како закана, туку како поттик за модерни политики што ќе ја засилат нашата економија, додаде министерот.
Работодавците велат дека фактот дека нацијата ни старее ќе биде уште поголем проблем за работната сила во компаниите. Голем број компании и сега тешко се снаоѓаат со работници, а во иднина ќе биде уште потешко ако не го запреме трендот на иселување на младите.
– Нацијата ни старее, ќе имаме уште поголем проблем со изнаоѓањето работна сила и со финансирањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, бидејќи ќе има повеќе пензионери од работници. Иселувањето на младите е дополнителен проблем, мора да го запреме трендот на иселување. Зголемувањето на платите, подобриот животен стандард, подобрата инфраструктура, воведувањето нови техники и технологии во производството…. може да го намалат иселувањето. Оние што веќе заминале надвор, тешко дека ќе ги вратиме, но преку подобрување на условите за живот и за работа барем да ги задржиме овие што останаа – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Според него, бизнисот треба да се приспособи на новите трендови со замена на работната сила со автоматизација и со роботизација. Исто така, треба да се размислува за отворање нови бизниси што не бараат многу работна сила.
Според последниот попис, во државата има над 700.000 редовно вработени и околу 350.000 пензионери.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека падот на наталитетот и иселувањето на младите се сериозен проблем за државата и оти Владата веќе работи на решавање на овие прашања.
– Создадовме највисок економски раст на Балканот, тоа значи нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите – додаде Мицкоски.
Овој проблем не е присутен само кај нас туку со него се соочуваат и цел Балкан, Европската Унија, САД, Канада, Австралија, Источна Азија… Сите овие земји имаат проблем со наоѓањето работна сила и се обидуваат да привлечат млада работна сила од помалку развиените земји.
(А. С.)