НА ЗАЕДНИЧКАТА СЛУЖБА ВО ЦРКВАТА „СВЕТИ СТЕФАН“ ВО ИСТАНБУЛ: Патријархот Даниил пред вселенскиот патријарх Вартоломеј кажа дека БПЦ го признава автокефалниот статус на Македонската православна црква

– И никој не направи проблем „зошто го споменувате архиепископот Стефан кога нема томос од Вселенската патријаршија, кога сè уште нема општо православно решение за тоа прашање“ – изјави бугарскиот патријарх Даниил.

194

Бугарската православна црква го признава автокефалниот статус на Македонската православна црква, кажал бугарскиот патријарх Даниил во текот на неодамнешната посета на Вселенската патријаршија во Истанбул и заедничка служба со вселенскиот патријарх Вартоломеј. Ваквиот став бил искажан во текот на нивната заедничка литургија во храмот „Свети Стефан“ во Истанбул, на што немало реакција од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј. Познато е, Вселенската патријаршија во 2022 година ја призна МПЦ-ОА како канонска црква, но нејзиниот статус како автокефална црква сè уште не е потврден од нејзина страна.

Во јуни 2022 година, Светиот синод на Бугарската православна црква ја призна нашата Црква како Православна црква во Северна Македонија, откако претходно Српската православна црква ни го додели томосот за автокефалниот статус.

Во новогодишното интервју за Бугарската национална телевизија, бугарскиот патријарх Даниил објасни како се случило да го спомене македонскиот архиепископ, г.г. Стефан, како поглавар на една автокефална црква. Тој рече дека се случило тоа откако вселенскиот патријарх Вартоломеј на заедничката служба го споменал името на поглаварот на Православната црква на Украина, Епифаиј, на која ВП ѝ дала томос за автокефалност, но сè уште не се признава тоа од страна на Бугарската православна црква.

– На 26 декември, на светата литургија во црквата „Свети Георгиј“, патријархот Вартоломеј го спомена, како еден од претстоителите на помесните цркви, митрополитот Епифаниј од Црквата на која тој ѝ даде томос за автокефалија. Но, другиот ден, во „Свети Стефан“, каде што началствуваше бугарскиот патријарх на светата литургија, таму го споменавме архиепископот Стефан на Православната црква во Северна Македонија. Бугарската Црква го признава автокефалниот статус на Македонската православна црква. И никој не направи проблем „зошто го спомнувате архиепископот Стефан кога нема томос од Вселенската патријаршија, кога сè уште нема општо православно решение за тоа прашање“ – изјави патријархот Даниил.

Тој додаде дека може некој да се замисли околу ова.

– Некои може да се замислат, зависиме ли и како од Бугарската православна црква? Како се раководи кога презема решение? Дали од некои центри или со она што е полезно за нашата Црква и за православната црква како целина и за спасението на народот – рече бугарскиот патријарх, алудирајќи на постапката на Вселенската патријаршија со признавањето на автокефалноста на Православната црква на Украина.

Тој додаде дека во разговорот со вселенскиот патријарх, прашањето за ПЦ на Украина било само споменато.

– Прашањето за Православната црква на Украина само се спомена како тема што постои, но со разбирање за нашето мислење и немаше поставено прашање да ја признаеме ПЦУ и да се произнесеме за тоа прашање. Сметам дека е важен момент тоа, затоа што никој од нас не се поставува над црквата и го имаме тоа сфаќање дека за оние прашања за кои имаме несогласувања, црквата ќе даде одговор и разрешување – нагласи бугарскиот патријарх.

Патријархот го повтори она што веќе беше објавено, дека пред посетата било договорено да нема никакво учество на клирици од Православната црква на Украина, чија автокефалност е доделена од Вселенската патријаршија, но Бугарската црква не ја признава и патријархот Вартоломеј се согласил со тоа. Истовремено, бугарскиот патријарх Даниил му се извинил на патријархот Вартоломеј за едно писмо што го испратил во 2019 година до архијереи од речиси сите православни цркви.(Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ