На Широк сокак се одржа традиционалната ноќна атлетска трка со околу 700 учесници

102

Во пресрет на Денот на ослободувањето на Битола, 4 Ноември, вчеравечер, по 67. пат, на Широк сокак во Битола, во организација на Сојузот на спортови на Битола и на Општина Битола, се одржа традиционалната ноќна атлетска трка, на која учествува околу 700 учесници.

Како и изминатите години, и годинава битолчани учествуваа на трката, која е на нивото на високопрофесионалните натпревари од ваков вид и е дел од програмата по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Битола.

Стартот беше на Широк сокак. Годинава, на убаво време, на Широк сокак трчаа основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани, во 24 категории во машка и во женска конкуренција и сето тоа претставува симбол на спортскиот дух и на заедништвото на битолчани. На најстариот спортски настан во градот и во земјава учествуваа и други граѓани, кои настапија во категориите до 40 и над 40 години.

Учесниците во трката ги поздрави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој нагласи дека оваа година трката се одржува во еден убав месец со богата спортска програма, во рамките на која ќе има и дерби-натпревари во фудбал и во меѓународна кошарка.

– Горд сум што спроти Денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорноста, младоста и на љубовта кон Битола. На сите учесници им честитам за храброста и за ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси – изјави Коњановски.

Тој додаде дека ваквите натпревари ќе бидат поттик за што повеќе спортски активности на младите битолчани, а особено што се натпреваруваат голем број ученици и граѓани, кои со тоа даваат дополнителен придонес во празнувањето на Денот на ослободувањето на градот и го збогатуваат, заедно со другите манифестации.

На традиционалната ноќна атлетска трка, на најдобрите им беа доделени златен, сребрен и бронзен медал, за освоеното прво, второ и трето место.

Ноќната трка беше збогатена и со подароци за натпреварувачите, кои беа доделени од општествено одговорни компании.

 

ИЗДВОЕНИ