На „Охрид ултра треил“ 650 учесници од 42 држави

23

Охрид повторно ќе пулсира со енергија и адреналин, кои ги носи планинското трчање сосебе. На седмото издание на „Охрид ултра треил“, кое ќе се одржи од 23 до 25 мај 2025 година, ќе учествуваат рекордни 650 учесници од 42 различни земји, бројки што го потврдуваат статусот на настанот, како водечки во планинското трчање во регионот.

Од своето прво издание во 2019 година, кое започна со две трки и 130 тркачи, „Охрид ултра треил“ прерасна во интернационален спортско-рекреативен спектакл, кој го обединува светот преку страста за движењето и природата.

И оваа година љубителите на планинското трчање ќе може да избираат меѓу пет трки со различна должина и тежина, распоредени во два дена: Охрид ултра треил 105 километри – старт: 23 мај (петок) во 23:00 часот од плоштадот во Охрид; Галичица ултра 65 километри – старт: 24 мај (сабота) во 07:00 од Свети Наум; Самотска треил 42 километри – старт: 08:00 часот од Свети Наум; Летница треил 21 километар – старт: 10:00 часот од Велгошти и Рамне и Јуниор треил 10 километри – старт: 11:00 часот од Велгошти.

Сите патеки водат низ величествените предели на Националниот парк „Галичица“, а финишот е, традиционално, на градскиот плоштад во Охрид.

Оваа година трката на 65 километри – Галичица ултра воедно ќе биде и квалификациска трка во скајранинг дисциплината скај ултра, каде што најбрзите во машка и во женска конкуренција од Македонија имаат можност да бидат дел од македонската скајранинг репрезентација во 2025 година.

Патеката Рамне треил на 10 километри, пак, се одржува втора година за ред и овозможува бесплатно учество на јуниорската категорија од 13 до 18 години, со што ги поттикнува спортувањето и активниот животен стил кај тинејџерската популација во регионот.

Трета година по ред, настанот е и дел од купот „Europe Trail“, на кој се натпреваруваат некои од најдобрите европски треил тркачи во систем на настани што се одржуваат од Пиенините, Јулијанските Алпи, Доломитите до Галичица, пречекувајќи ги тркачите да се потопат во возбудата на (себе)откривањето и поврзувањето.

Со учесници од 42 земји, меѓу кои Турција, Грција, САД, Романија, Холандија,  Данска, Шведска, Норвешка, Чешка, Полска,  Франција, Велика Британија, како и земјите од регионот – Охрид ултра треил е настан што не само што ги промовира спортот и здравиот живот туку и ги слави и промовира природната и културната убавина на охридско-преспанскиот регион, под заштита на УНЕСКО.

Како вовед во тркачкиот викенд на Ohrid Ultra-Trail® 2025, на 23 мај (петок), во спортскиот центар „Билјанини Извори“ ќе се одржи OUT Expo – спортски и outdoor саем, каде што воедно ќе се доделуваат и стартните пакети за сите трки. Овој настан ќе биде централно место за дружење и за размена на искуства меѓу тркачите, љубителите на активниот живот и професионалците од outdoor индустријата.

Саемот е отворен за сите посетители и ќе понуди динамична програма со музика, презентации, дегустации и активности – идеален почеток за еден незаборавен спортски викенд во Охрид.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ