На јулските сметки ќе пишува дали струјомерот е читан, паметни броила за сите по 10 години

Новиот Законот за енергетика конечно ги модернизира ‘правилата на играта’ од производство до потрошувачка. Тој претставува нова рамка за дигитализација, ефикасност и отчетност во енергетиката. Законот содржи повеќе новини меѓу кои обврска за паметни броила – до 2031 година 80 отсто од домаќинствата ќе имаат паметно броило, со што се укинуваат проценките, а сметките стануваат потполно точни и проверливи. Дел од новините е на сметките за електрична енергија задолжително да пишува дали броилото е читано или не

2117

Најдоцна за два месеца на сметките за електрична енергија ќе стои дали броилото е читано од ЕВН или се работи за проценка, што ќе им овозможи на корисниците поголема прецизност при следењето на потрошувачката. Заедно со ова, корисниците ќе добијат и упатство за правилно читање на броилата, со цел да ја разберат сметката и да ја проверат точноста на податоците. Овие новини кои се дел од новиот Закон за енергетика ќе ја зголемат транспарентноста и ќе им помогнат на домаќинствата подобро да ги планираат своите трошоци.

Со цел подобро информирање на јавноста и потемелно запознавање со новините што ги носи новиот Закон за енергетика, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја започнува серијата отворени брифинзи и дискусии со енергетските експерти, институциите и медиумите.

На првиот информативен настан под наслов „Можностите на новиот закон за енергетика, со особен осврт на мрежните оператори и електродистрибуција на електрична енергија“, Сашо Салтировски, директор на Електродистрибуција, рече дека со новиот Закон за енергетика направивме здрав темел, но куќата сè уште не ни е направена.

-Во овој Закон потрошувачот ќе има централно место и улога, сè се сведува на централизација и дигитализација. Ова е жив систем и сите чинители ќе треба да се вмрежуваат, а за тоа ни треба паметен систем. Обновливите извори дојдоа многу брзо, но добро се справуваме. Во наредните 20 години инвестициите во обновливи извори треба да се зголемат двојно. Но, ако за брзо време не почнеме со поставување батерии, ќе има проблем, бидејќи и сега капацитетите се исполнети 100 отсто. Ќе ни треба поддршка од луѓе и знаење за да ги забрзаме процесите, изјави Салтировски.

Тој додаде дека сега имаме над 200 илјади смарт броила со далечинско отчитување и за 10 години ќе треба да ги смениме сите.

-Имплементација ќе оди дел по дел. Секоја година ќе имаме процес на вадење на одреден број на броила кои потоа ќе се баждарат и повторно ќе се монтираат. Ќе треба за 10 години да ги смениме. Ние можеме веднаш да ги смениме, но за 10 години ќе мораме пак да ги менуваме. Имаме објавено тендер и во јануари ќе почнеме со процесот за набавка и за две години да почнеме со инсталирање на 250 илјади далечински броила. ЕВН ќе ги чита броилата како и досега, 80 до 85 проценти на месечно ниво. Нема обврска граѓаните сами да ги читаат броилата. Не е лесно да се влегува по куќите, истакна Салтировски.

Што се однесува до паушалните сметки, тој вели дека континуирано имаме 5 илјади корекции на сметки месечно. Поради тоа, на јулските сметки ќе пишува дали броилото е читано или не. Од Електродистрибуција велат дека промената на броилата нема да влијание во покачувањето на цената на струјата.

Од компанијата додаваат дека имаме план за намалување на загубите кои секоја година изнесуваат по 10 милиони евра, а планираат таа сума да падне под 10 проценти од 2033 година. Штип, Скопје и Гостивар се градови кои прават најголеми загуби, а најмалку е во Делчево.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска во своето обраќање нагласи дека законот, кој опфаќа над 300 страници детална регулатива, претставува историска реформа во македонскиот енергетски систем.

-Овој закон конечно ги модернизира ‘правилата на играта’ од производство до потрошувачка. Особено важна е преобразбата на електродистрибутивниот систем. Секоја промена што ја донесовме има конкретен ефект како попрецизни сметки, повисоки стандарди и појасна одговорност, изјави Божиновски и додаде дека сè што е добра практика во ЕУ се имплементира во Законот за енергетика.

Волфганг Маиер, извршен директор на ЕВН Македонија, истакна дека новиот закон го поставува темелот за дигитализирана, транспарентна и ефикасна електродистрибуција. Како компанија, веќе работиме на ефективна примена на сите новини предвидени со законот.

Александар Пауноски, заменик-директор на МЕПСО, подвлече дека операторот на преносниот систем е подготвен за имплементација на новите технички стандарди.

-Стабилноста на системот, приклучувањето на нови обновливи извори и намалувањето на загубите се директно регулирани со овој закон. Тоа ни дава силна основа за да работиме појасно, поефикасно и со повисоки цели, изјави Пауноски.

Во рамки на сесијата беа претставени повеќе клучни новини, меѓу кои обврска за паметни броила – до 2031 година, 80% од домаќинствата ќе имаат паметно броило, со што се укинуваат проценките, а сметките стануваат потполно точни и проверливи.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ