Европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус предупреди дека Европа мора итно да развие капацитети за масовно производство и употреба на беспилотни летала, за да биде подготвена да одговори на евентуален вооружен напад од Русија.
Воените проценки покажуваат дека руските вооружени сили би можеле да бидат подготвени да нападнат членка на НАТО во рок од пет години, изјави денес комесарот Кубилиус за „Скај њуз“, пренесува „Танјуг“.
„Русија би можела да има околу пет милиони дронови. Ако сакаме да победиме, треба да имаме поголеми капацитети“, рече Кубилиус, нагласувајќи дека евентуалниот напад би го предводела руска армија „опремена на фронтот“, со можност за масовно користење дронови.
Тој истакна дека војната во Украина предизвикала револуција во употребата на беспилотни летала во современото војување и дека, според проценките, дури 80 проценти од загубите на руската армија на фронтовската линија се резултат на дејствијата на украинските беспилотни единици.
Зборувајќи за своите наоди од теренот во Украина, Кубилиус истакна дека во зоната по должината на фронтовската линија, позната како „Долина на смртта“, ништо не може да се движи без да биде откриено и уништено од дрон, и дека конвенционалните тенкови во таа зона преживуваат во просек само шест минути.
Украина би можела да произведе повеќе од четири милиони дронови оваа година, а Кубилиус верува дека земји како Литванија, која има околу 900 километри граница со Русија и Белорусија, би морале да произведуваат приближно три милиони дронови годишно во случај на конфликт.
Еврокомесарот нагласува дека наместо да складираат беспилотни летала, кои брзо би станале застарени, европските земји треба да изградат индустриски капацитети, како и тимови од инженери и пилоти кои можат брзо да започнат со производство во случај на криза.
Комесарот предупреди дека земјите од НАТО сè уште не се подготвени да се одбранат од масовните напади со беспилотни летала што ги трпи Украина секој ден и повика на забрзување на инвестициите и иновациите во оваа област.
Германија, според претставници на Министерството за одбрана, веќе потпишала договори за купување поголеми количини беспилотни летала и ги тестира со војници, истакнувајќи дека приоритет е изградба на флексибилен производствен систем, а не акумулирање брзо застарени залихи.
Во мај, Европската Унија одобри план за инвестиции во одбранбената индустрија во вредност од 150 милијарди евра, со цел зајакнување на заедничкото производство во случај на идни безбедносни закани, пренесува Танјуг.