Спомен – плоча за настраданите во поплавата на десетгодишнината

839

Наредната година, кога ќе бидат одбележани 50 години од постоењето на Општина Гази Баба, но и 10 години од трагичните поплави што го зафатија Скопје на 6 август 2016 година, ќе биде поставена спомен-плоча, како симбол на сеќавање и почит.

Ова денеска го најави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, сеќавајќи се на овој трагичен настан што се случи пред девет години.

– Оваа спомен-плоча ќе биде вечен паметник не само за трагедијата туку и за храброста, солидарноста и за човечноста што ги покажавме како народ. Ќе биде место на тишина и размисла, на молитва и сеќавање, на почит кон оние што не се меѓу нас – нагласи Стефковски, повикувајќи ги сите граѓани, институции и организации да се вклучат во оваа иницијатива.  

Како што истакна, тоа не е обврска само на Општината туку и на сите нас, како луѓе, да покажеме дека не забораваме, дека знаеме да почитуваме и дека умееме да создадеме сила од болката.

Овие поплави најмногу ја погодија Општина Гази Баба, поточно Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Ченто и другите делови од Општината, при што животот го загубија 22 лица.

– Денес, со длабоко чувство на тага, почит и солидарност, се сеќаваме на денот што засекогаш го обележа нашето колективно сеќавање. Тоа беа моменти на страв, болка и на загуба, кои засекогаш ги променија животите на многумина. На тој ден, природата ја покажа својата суровост, но човечноста блесна посилно од сè. Семејства ги загубија најблиските, беа уништени домови, беа скршени срца – напиша Стефковски на „Фејсбук“.

Тој додаде дека раните од тие моменти сè уште болат.

– Затоа, како градоначалник на Општина Гази Баба, верувам дека имаме морална обврска да ги чуваме спомените живи и да оставиме траен белег во колективното паметење.  Споменот на нашите сограѓани нека живее вечно! Нивниот мир нека биде наша водилка кон подобра, побезбедна и посолидарна иднина – потенцираше Стефковски.

Во незапаметеното невреме и катастрофалната поплава беа евакуирани илјадници граѓани. Најмладата жртва меѓу загинатите беше двегодишно дете од селото Стајковци.

Загинатите во невремето беа од селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Голем дел загинаа на скопската обиколница, а некои од нив останаа заробени во домовите од надојдената вода и се удавија, не можејќи да излезат.

Во текот на 24 часа, на 6 август 2016, во Скопје наврнаа 92,9 литри на квадратен метар, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 грома.

Граѓаните од целата држава, координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и од надлежните институции, се солидаризираа во наредните денови, за собирање на најнеопходната помош за настраданите.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ