На австралиската пратеничка Хелен Хејнс ѝ се ампутирани двете нозе откако напаѓач намерно ја удрил со автомобил пред нејзината канцеларија, соопшти нејзиниот сопруг во средата. Нападот се случил во понеделникот во Вангарата, североисточно од Мелбурн. Фил Хејнс изјави дека лекарите се обиделе да ѝ ги спасат нозете на неговата сопруга, но не успеале.
„Добрата вест е што Хелен е жива и во стабилна состојба. Тоа е најважно за нашето семејство“, рече Хејнс на прес-конференција.
Брендан Њуџент, 43-годишен жител на малото место Таравинги – кое се наоѓа во изборната единица на Хејнс – е обвинет за опасно управување со возило што резултирало со тешка телесна повреда, за намерно нанесување тешка телесна повреда и за напад врз службено лице.
Според судските документи, тој се соочува и со обвиненија поврзани со одгледување и поседување марихуана.
По нападот, присутните граѓани го совладале напаѓачот пред да пристигне полицијата.
Хејнс, која е независна пратеничка, е позната по своето залагање за заштита на животната средина и за достапно домување.
Полицијата сè уште го истражува мотивот за овој редок напад врз избран претставник во Австралија.
За време на краткото појавување пред судот, неговите адвокати изјавија дека обвинетиот боледува од ретко невролошко нарушување и дека се лекувал од потрес на мозокот.
Тие додадоа дека нивниот клиент се соочува со проблеми со менталното здравје и дека ова е првпат тој да биде во притвор.












