среда, октомври 21, 2026
Дома СВЕТ Администрацијата на Трамп поништи повеќе од 300.000 визи

Администрацијата на Трамп поништи повеќе од 300.000 визи

0

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поништила повеќе од 300 илјади визи од почетокот на неговиот втор мандат во јануари 2025 година, соопшти вчера Стејт департментот.

Според претходните податоци објавени на 10 август, до тој датум биле поништени повеќе од 175 илјади визи, што покажува дека поништувањето визи изминатите семици се спроведувало со забрзано темпо.

Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, кој информацијата ја објави на социјалната мрежа „Икс“, напиша дека администрацијата на Трамп „поништила повеќе визи и тоа побрзо од која било друга администрација во историјата“.

„Нулта толеранција кон странските државјани со визи кои го прекршуваат законот, вршат измами или ја загрозуваат националната безбедност“, стои во објавата.

Трамп тврди дека строгата имиграциска политика и депортациите се насочени кон зајакнување на безбедноста во земјата.

Организациите за човекови права предупредуваат дека таквите мерки ги нарушуваат правото на правична постапка и слободата на говорот. Тие, исто така, предупредуваат дека е создадена несигурна атмосфера, особено за етничките малцинства чии припадници се жалат на расно профилирање.

Активистите особено го критикуваат поништувањето на визите на странски државјани кои учествувале во пропалестински демонстрации против израелските напади врз Газа.

ИЗДВОЕНИ