Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, со пораз ја почна 2026 година. На натпревар од 6. коло во АБА2-лигата, аеродромци го претрпеа третиот пораз. Пред домашната публика во „Јане Сандански“, тие беа совладани од Војводина со 73:78, со што покажаа дека тешко се справуваат со посилните екипи на ова натпреварување, бидејќи не добија речиси ниту еден дерби-меч.

По летаргичното прво полувреме, македонскиот шампион одигра сосема солидно во последните две четвртини. На почетокот од третиот квартал, МЗТ губеше и со минус 19 разлика. Сепак, со серијата од 19:2 на почетокот од последната четвртина, аеродромци го свртеа резултатот и поведоа 66:65. И наместо да продолжат во ист ритам, повторно влегоа во проблеми. Гостите од Нови Сад заиграа нешто поагресивно во одбраната, што им донесе ефект, па на крајот заслужено ѝ се радуваа на четвртата победа.

Во следното претпоследно коло, на 28 јануари МЗТ ја пречекува екипата на Подгорица, а претходно, во домашното првенство, ќе игра со Маџари.

ИЗДВОЕНИ