Екипата на МЗТ Скопје го претрпи третиот пораз во ФИБА Еврокупот откако загуби на гостувањето во Германија од Вирцбург, со убедливи 87:70. Македонскиот шампион добро го отвори натпреварот и во првата четвртина имаше предност од пет поени (21:16). Во втората четвртина се водеше изедначена битка до 30:30, по што германскиот тим направи серија од 7:0 и замина на полувремето со водство од 49:43. Во продолжението, Вирцбург ја презеде целосната контрола, а пред крајот на третата четвртина, првпат поведе со двоцифрена разлика (67:57).
МЗТ Скопје немаше одговор за расположениот домаќин во последните десет минути, па Вирцбург без поголеми проблеми ја задржа предноста и ја запиша првата победа сезонава на ова натпреварување.
Ноа Али Фарахан со 14 поени беше најефикасен во редовите на македонскиот првак, додека Андреј Маслинко постигна 12, а Тадија Тадиќ заврши со 10 поени.
По три одиграни кола, МЗТ Скопје останува на последното место во групата, како единствен тим без победа во ФИБА Еврокупот.











