Македонија не е единствената земја која прифати да ги зголеми трошоците за НАТО на 5% бруто домашниот прозивод до 2035 година, туку тоа го прифатија сите, а причината беше да се спречи кризно трошење во време на евентуален конфликт, рече министерот Муцунски одлуката на сојузниците на НАТО пред самитот во Хаг.
– Тие 5% се за никогаш да не мора да потрошиме 40%. Се работи за историска, дури генерациска одлука за стабилност во НАТО-чадорот во кој припаѓаме. Идните генерации ќе мора да ја спроведат оваа одлука, не само сегашната влада и сегашниот состав на министерството за одбрана – вели Муцунски.
Муцунски вели дека не само што ќе бидат пресметани сите трошоци при зголемувањето на процентот во следните години, туку дека на списокот ќе влезат клучни проекти во индустријата, но и во инфраструктурата како Коридорите 8 и 10.
– Тука е и сајбербезбедноста. Во изминатиот период често бевме мета на ваков тип напади. Исто така, тука се стартапите кои ќе имаат пристап до НАТО-фондовите. Нам ни фали индустриска база, наменска опрема. Зависници сме од светската автоиндустрија која доживува турбулентни времиња. Наместо тоа, зошто да не привлечеме инвеститори во наменската индустрија за овој сектор? – истакнува министерот.