„Самсунг електроникс“ се соочува со сериозен индустриски предизвик откако неуспешната рунда преговори со Синдикатот резултираше со најавен 18-дневен штрајк на дел од работниците, што би можело да влијае врз производството на полупроводници и на мемориски чипови.
Според Синдикатот, кој наводно претставува околу 74.000 вработени, штрајкот ќе почне денес. Синдикалниот лидер, Чои Сеунг Хо, изјави дека одлуката следува по неуспехот да се постигне договор за платите и бонусите, при што работниците сметаат дека компанијата не нуди соодветна компензација и покрај силниот раст на профитот поттикнат од глобалната експанзија на вештачката интелигенција.
Меѓу клучните барања на Синдикатот е модел според кој „Самсунг“ би издвојувал 15 проценти од годишниот оперативен профит за бонуси на вработените, како и укинување на сегашниот лимит на бонусите, кој изнесува до 50 проценти од годишната плата. Од компанијата, пак, велат дека ваквите барања не ја земаат предвид цикличната природа на полупроводничката индустрија.
Потенцијалните последици од штрајкот се оценуваат како значајни на глобално ниво, имајќи предвид дека „Самсунг“ и „СК Хајникс“ заедно произведуваат околу две третини од светските мемориски чипови – клучна компонента во уредите и системите поттикнати од развојот на вештачката интелигенција.












