Европската Унија, рано наутро во средата, постигнала согласност за законската рамка за спроведување на трговски договор со САД, утврден минатото лето во голф-одморалиштето на американскиот претседател Доналд Трамп во Тарнбери, Шкотска, јави „Политико“. Со тоа, се чини дека ЕУ ќе ја избегне заканата на Трамп дека со брутални царини ќе го казни понатамошното одложување на договорот.
Со договорот од Тарнбери, ЕУ се согласи да ги укине царините за американските индустриски стоки и некои земјоделски производи, додека Вашингтон требаше да ги ограничи царините за поголемиот дел од европскиот извоз на 15 проценти. Но, Брисел како да го забави процесот откако Трамп се закани дека ќе го преземе Гренланд во јануари, а потоа повторно откако Врховниот суд на САД го поништи поголемиот дел од неговата царинска политика. По месеци внатрешни борби и препирки во ЕУ, компромисот беше постигнат дури откако Трамп, фрустриран од одложувањето, се закани дека ќе воведе царина од 25 проценти на европските автомобили од 4 јули.
Според конечниот текст на компромисот што го видел „Политико“, Европската комисија ќе може, на барање на Европскиот парламент или земја членка, да го суспендира трговскиот договор ако Вашингтон не ги намали царините за европски челик и алуминиум кои достигнуваат до 50 проценти, до крајот на 2026 година. Во договорот е вклучена таканаречената „клаузула за зајдисонце“, според која договорот автоматски би истекол во декември 2029 година, речиси една година откако Трамп треба да ја напушти Белата куќа.
Текстот сега оди на гласање на пленарната седница на ЕП во Стразбур, која ќе се одржи од 15 до 18 јуни. Дел од либералните и левичарските претставници во ЕП сè уште се исклучително непријателски настроени кон договорот и предупредуваат дека би можеле да гласаат против, додека Европската народна партија, која е најголемата политичка групација во Парламентот, силно сака да го протурка. Преговарачите веруваат дека ќе обезбедат мнозинство.












