Иако мирот со Русија е сè уште неизвесен, се повеќе се зборува за идните претседателски избори во Украина.
Во преден план повторно е поранешниот врховен командант на украинските вооружени сили и сегашен украински амбасадор во Обединетото Кралство, Валериј Залужни. Тој објави фотографија на Фејсбук со сопругата Олена со коментар: „Дома е најубаво“, што предизвика шпекулации за неговото враќање во Украина и евентуално вклучување во политиката.
Сè повеќе се шпекулира дека Залужни би можел да се кандидира за претседател на следните избори, кои според американскиот мировен план би можеле да се одржат во 2026 година, доколку се постигне мировен договор со Русија. Социолошка анкета спроведена ова лето покажа дека Залужни би освоил 41,4 проценти од гласовите, додека сегашниот претседател, Володимир Зеленски, би добил 27 проценти. Исто така, 74 проценти од испитаниците му веруваат на Залужни, а 68 проценти на Зеленски, додека рејтингот на претседателот беше дополнително нарушен од корупцискиот скандал на неговите соработници.
Залужни беше сменет од Зеленски пред две години и испратен во Лондон, што генералот го прифати без да коментира за политичката ситуација во Украина. Во последниве години, Залужни се залагаше за мир без „целосна победа“ над Русија, тврдејќи дека војните честопати завршуваат со компромиси, а не со јасна победа за едната страна.
Сепак, Залужни предупреди дека секој мир со Москва што наградува агресија е покана за нови конфликти. Во понеделникот, тој рече дека можните безбедносни гаранции за Украина по војната би можеле да вклучуваат членство во НАТО, распоредување нуклеарно оружје или голем сојузнички воен контингент. Американците веднаш му ставија до знаење дека таквите опции не се реални.
Во интервјуа и објави, Залужни нагласува дека во моментов не поддржува одржување избори додека трае војната и дека не е поврзан со ниту една политичка партија. Сепак, доколку се постигне мировен договор, неговите политички амбиции би можеле да станат реалност, што ќе го направи Залужни клучен кандидат за следниот претседател на Украина.












