„Moтивот не е политички“: Австриската полиција го откри мотивот за грозоморното убиство на синот на украинскиот политичар во Виена/ВИДЕО

0
EPA/MAX SLOVENCIK

Ужасен злостор ја потресе Виена минатата среда. Во гаражата на луксузен хотел, 21-годишен Украинец бил претепан, а потоа запален во својот автомобил. Истрагата открила дека пред смртта бил ограбен и дека му биле украдени криптовалути и готовина. Двајца осомничени за злосторството се уапсени во Украина, а случајот сега се префрла на локалните судски власти.

Жртвата е син на политичар од Харков, но според првичните сознанија, мотивот не е политички, туку финансиски. Минатата среда околу 1 часот по полноќ, беше пријавено дека автомобил изгорел во 22-риот округ во Виена. Пожарникарите го пронашле телото на младиот човек во црн Мерцедес С 350Д со украински регистарски таблички на задното седиште, каде што бил полеан со бензин и запален.

Истрагата брзо откри дека станува збор за убиство, бидејќи беше утврдено дека жртвата била претепана со тап предмет пред смртта, а потоа телото било запалено. Во автомобилот е пронајдена канта со бензин, која ја купил еден од осомничените.

„Политичката позадина е исклучена. Мотивот е финансиски. Од крипто паричникот на жртвата е повлечена значителна сума пари, а кај осомничените е пронајдена поголема сума долари. Првата трансакција се случила пред смртта на жртвата“, рече истражителот Хелмут Граф.

Двајцата осомничени за убиството, 19-годишник и 45-годишник, избегаа во Украина денот по злосторството. Сепак, украинските власти ги уапсија во саботата откако австриските обвинители издадоа меѓународна потерница. Случајот ќе се гони во Украина, бидејќи австриското судство го префрла случајот на тамошните власти.

Син на украински политичар жив запален во Виена

ИЗДВОЕНИ