Секоја акција на Европската Унија што би одзела руски средства од сметките во компанијата „Евроклир“ ќе наиде на „болен одговор“ од Москва, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесува „Гардијан“.
„ЕУ нема законски средства да конфискува руски имот, па затоа неговото конфискување би било обична кражба“, рече Захарова, реагирајќи на најавите од Брисел за нови мерки против Русија.
Инаку, ова доаѓа по најавата дека денеска ќе се разгледува предлогот на Европската комисија, според кој замрзнатите руски средства во Европа би се користеле за обезбедување таканаречен „кредит за репарација“ за Украина во износ од 140 милијарди евра. Според планот, ЕУ би користела готовина од замрзнатите хартии од вредност на руската централна банка за финансиска поддршка на Киев во следните две години, покривајќи го поголемиот дел од неговите потреби за 2026 и 2027 година.
Белгискиот премиер Барт де Вевер објави дека ќе се спротивстави на оваа мерка сè додека не се дадат јасни гаранции за тоа како да се користат руските имобилизирани средства. „Сè уште не гледам правна основа за таква одлука. Имотот не беше допрен дури ни за време на Втората светска војна“, рече Де Вевер.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека ги разбира загриженостите на Белгија, но изрази верување дека сепак ќе се направи чекор напред. Финскиот премиер Петери Орпо рече дека „на маса е решение кое е правно одржливо и ги зема предвид белгиските резерви“.
„Нема да прогласам победа додека сè не биде завршено, но гледам широка поддршка за користење на замрзнатите руски средства“, рече шведскиот премиер Улф Кристерсон.