Руските државни компании тројно ги зголемија трошоците за фиксни телефони во првите осум месеци од оваа година во споредба со истиот период во 2025 година. Поради прекините на мобилниот интернет кои погодуваат речиси 80 отсто од земјата, министерствата и бизнисите се принудени да бараат алтернативи за несигурните мрежи, пренесува „Еуроњуз“ (Euronews).
Податоците за јавни набавки, објавени од рускиот деловен весник „Ведомости“, покажуваат дека во периодот од јануари до август биле потрошени 118 милиони рубљи – или 1,26 милиони евра. Истовремено, бројот на тендери за набавка на фиксни телефони е зголемен за 12,5 отсто. Набавките се фокусирани главно на големите деловни и инфраструктурни центри во земјата.
Учесниците на пазарот изјавија за „Ведомости“ дека овој пораст е поттикнат од ограничувањата на интернетот. Друг фактор е преминот на руските министерства и компании кон домашни софтверски системи – процес што започна откако западните добавувачи се повлекоа од пазарот по инвазијата на Украина во 2022 година. Како дополнителен мотивирачки фактор се наведува и потребата за безбедни комуникациски канали.
Систематски прекини на интернетот
Русија започна систематски да го исклучува мобилниот интернет во мај 2025 година, кога услугите беа недостапни во повеќе од 40 региони пред прославите на Денот на победата. Она што започна како повремено нарушување, набрзо стана вообичаена практика. Независен проект за следење регистрираше 655 прекини на мобилниот интернет во јуни 2025 година, бројка што се искачи на 2.099 во јули.
Аналитичарите истакнуваат дека само оваа јулска бројка го надминала вкупниот број на прекини регистрирани ширум светот во текот на целата претходна година. Нарушувањата го попречија работењето на банкарскиот сектор, такси-услугите, доставата на храна и навигациските системи, при што последиците најсилно се почувствуваа во руралните средини.
Официјално објаснување и сомнежи на аналитичарите
Властите ги оправдуваат исклучувањата како одбрана од украинските дронови, тврдејќи дека беспилотните летала се навигираат преку сигналите на мобилниот интернет. Аналитичарите го оспоруваат ова, објаснувајќи дека дроновите можат да летаат по однапред програмирани рути без мрежна врска. Тие исто така забележуваат дека прекините погодиле региони кои се далеку од линијата на фронтот. Во март, кога беше прашан како ограничувањата во центарот на Москва влијаат врз работата на претседателскиот кабинет, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговори дека претседателската администрација користи фиксни телефони. Кратко потоа, Михаил Осејевски, шефот на државната телекомуникациска компанија „Ростелеком“, ги повика Русите да почнат повторно да користат фиксни телефони. „Како и апарат за гасење пожар, секое домаќинство треба да има еден таков“, изјави Осејевски.












