среда, октомври 14, 2026
Дома СВЕТ Додека се крои новиот буџет на ЕУ, ревизијата реагира: Флексибилното трошење на...

Додека се крои новиот буџет на ЕУ, ревизијата реагира: Флексибилното трошење на европските пари ќе отвори врата за уште поголема корупција

1
EPA/RONALD WITTEK

Претседателот на Европскиот ревизорски суд, Тони Марфи, изјави дека клучните столбови на планот на Комисијата за реформирање на долгорочниот буџет на ЕУ би ја заматиле прегледноста за оние што се задолжени да се грижат за тоа јавните пари да се трошат наменски. Напорот на Европската комисија да ги направи милијардите на ЕУ поприспособливи на непознатите идни кризи, исто така, би можел да ги направи поподложни на злоупотреба, предупреди главното тело на ЕУ за надзор на трошењето, пишува „Политико“.

– За нас е потешко да ги следиме парите. На земјата членка ѝ велите: „Еве ви голема сума пари, а вие погрижете се сè да биде во ред“. Тоа е еден вид самоконтрола – рече Марфи.

Предупредувањето доаѓа во момент кога лидерите на ЕУ оваа недела, во Брисел, продолжуваат да спорат околу износот на буџетот на ЕУ за периодот по 2027 година и додека ревизорите евидентираат зголемување на ненаменското трошење на средствата од даночните обврзници. Додека привршува циклусот на трошење одбележан со пандемијата, војните и нарушувањата предизвикани од климатските промени, Комисијата сака да го направи следниот седумгодишен буџет пофлексибилен. Планот е да се постигне тоа преку издвојување околу половина од средствата, што е речиси еден трилион евра за наредните седум години, во еден заеднички фонд, од кој земјите би можеле да трошат пари за цели што опфаќаат сè: од миграција до земјоделство и регионален развој, наведува бриселскиот весник. Тие фондови за земјоделство и за регионален развој, кои често се доделуваат во форма на субвенции за земјоделски стопанства и за локални проекти, долго време се подложни на измами и на злоупотреби. Минатата година е забележан пораст на неправилното трошење на буџетот на ЕУ, при што грешките опфатиле трансакции во вредност од околу пет милијарди евра, според најновиот извештај на Европскиот ревизорски суд (ЕРС). Марфи предупреди дека во следниот буџет на ЕУ, можеби, нема ни да биде можно да се процени тој број, бидејќи ревизорите во секоја земја имаат различни улоги и начини на работа.

Една од предложените новини на Комисијата е вклучување на заедничката земјоделска политика (ЗЗП), која сега е посебна буџетска ставка, во огромен сеопфатен фонд познат како „Планови за национално и регионално партнерство“. Марфи предупредува дека со спојувањето на парите од ЕУ со националните буџети, за Брисел ќе биде потешко да следи каде, всушност, завршуваат. Насловите во медиумите за земјоделските субвенции што се користат за фиктивни пасишта во Грција, како и за парите наменети за поддршка на руралниот туризам во Словачка што завршуваат во изградба на луксузни вили за богатите, нудат впечатливи примери за предизвиците поврзани со контролата на овие фондови во рамките на сегашниот систем. А моделот за новиот систем на трошење – формирање фонд на ЕУ за закрепнување по пандемијата на ковид, според Марфи, не ветува многу. Според тековниот буџетски систем, Европскиот ревизорски суд може физички да посети фарма што добива средства од ЕУ. Сепак, во рамките на фондот за закрепнување од ковид, ЕУ секоја година ги објавува имињата само на 100. најголеми корисници.

– Тоа не е многу транспарентно. Мислам, каде, всушност, завршуваат парите од ЕУ? Тоа е она што е важно. Станува збор за фонд што опфаќа различни области на политики со сосема различни цели и временски рамки, различни механизми за спроведување и помала предвидливост – заклучува Марфи.

ИЗДВОЕНИ