Македонскиот народен театар, на 18 септември, ќе ја отвори првата фестивалска вечер на новоформираниот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“, кој ќе се одржи до 21 септември во Ќустендил, Бугарија.
Тамошната публика ќе има можност да ја погледне претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, со искусните актери: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софија Насевска-Трифуновска, Александар Михајловски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.
Првото издание на фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“ ја нагласува улогата на меѓукултурната разновидност на европската театарска сцена, преку претставување класични и современи продукции од различни земји. Во првото издание ќе учествуваат реномирани театарски куќи од Македонија, Србија и Бугарија, кои ќе ја презентираат својата работа пред меѓународната публика.
„МНТ со задоволство ја прифати поканата да го отвори првото издание на новоформираниот меѓународен фестивал во Ќустендил, чија мисија е да прерасне во активна европска сцена за уметничка размена, меѓукултурен дијалог и заедничко креирање, поттикнувајќи ја соработката помеѓу театарски ансамбли, режисери, актери и сценски работници од регионов. Фестивалот има убава цел ̶ да создаде жива европска сцена, над националните и културните рамки, со идеја да постави основа за долгорочен и меѓународен уметнички дијалог“, вели Никола Кимовски, директор на МНТ.
Како што велат организаторите на фестивалот, фокусот е насочен кон копродукции создадени или адаптирани во духот на меѓународната соработка, кои го демонстрираат потенцијалот на вмрежување, интердисциплинарни пристапи и обединување преку границите. Ќе се одржат работилници и обуки со претставници на Генералниот директорат за образование и култура на Европската комисија од Брисел, и тоа на теми посветени на европско финансирање и мобилност за театри, како и на новите трендови и предизвици поврзани со дигиталниот, одржлив и колаборативен театар во 2025 година. Во рамките на програмата ќе се одржи и тркалезна маса со режисери, актери и културни менаџери од регионот, изложби на сценографија, костими, постери, фотографии и архивски материјали, проекции на документарни филмови посветени на театарскиот живот и прекуграничната културна соработка, презентации на студентски проекти и настапи на млади уметници од академиите за сценски уметности, како и креативни настани и неформални средби, кои ќе поттикнат создавање нови партнерства и можности за соработка.