Младите од Гевгелија имаа можност да се запознаат со млади успешни претприемачи и со нивните приказни за тоа како од идеја се стигнува до реализација односно, до отворање на свој мал бизнис. Исто така, беа одржани и предавања за неколку теми, како што се меките вештини (soft skill), претприемаштво и стартап-бизниси и иновации. Предавачи беа Фанија Богдановска и Вера Божиновска, кои на младите им го доближија начинот како да се дојде до сопствен бизнис. Претседателот на Локалниот младински совет, Кристијан Алчинов, за весникот ВЕЧЕР изјави дека целта на ваквите младински собирања е да се поттикнат младите да не заминуваат во странство, туку со помош на локалната самоуправа и државата, да ја градат својата бизнис-кариера во својот роден град

Локалниот младински совет, со поддршка на Општина Гевгелија и Европската Унија неодамна го организираа второто издание на „Младински бран “, настан на кој на едно место се случуваа Саем на млади успешни луѓе, музички настапи, сликарство, како и предавања за меки вештини, претприемаштво, стартап и иновации. Младите од Гевгелија имаа можност да се запознаат со млади успешни претприемачи, нивните приказни за тоа како од идеја се стигнува до реализација односно, отворање на свој мал бизнис.

Исто така, беа одржани и предавања за неколку теми, како што се меките вештини (soft skill), претприемаштво и стартап-бизниси и иновации. Предавачи беа Фанија Богдановска и Вера Божиновска, кои на младите им го доближија начинот како да се дојде до сопствен бизнис.

Претседателот на Локалниот младински совет, Кристијан Алчинов, за весникот ВЕЧЕР изјави дека целта на ваквите младински собирања е да се поттикнат младите да не заминуваат во странство, туку со помош на локалната самоуправа и државата да ја градат својата бизнис-кариера во својот роден град.

– За среќа, трендот на иселување во Гевгелија сè уште не е толку голем како во некои други општини и младите, без разлика дали се работи за сезонски или постојан бизнис, сè повеќе отвораат свои фирми со што се отвораат нови работни места и се подобрува бизнис-климата. Би рекол дека тоа не е доволно, далеку е од идеално, но сепак претприемаштвото покажува жилавост, вели Алчинов за весникот ВЕЧЕР.

Тој откри во кои области младите од Гевгелија најчесто ја бараат својата шанса да почнат свој сопствен бизнис.

– Како младински локален совет, имаме своја база на податоци за тоа во кои стопански области младите ја бараат својата шанса за напредок. Тоа се, пред сè, Информатичката технологија и дигиталните услуги, кои се најбрзо растечки бизнис, кој овде, во нашиот град, најде плодна почва за заработувачка, како денарска така и девизна. Така, младите ИТ-стручњаци основаат сопствени стартапи за развој на софтвер и апликации, со голем фокус на извоз кон странски пазари. Развиен е и дигиталниот маркетинг, со создавање на агенции за водење социјални мрежи, веб-дизајн и креирање мултимедијални содржини (фото и видео продукција). Освен ова, младите покажуваат интерес и за услужниот сектор и креативните занаети како што е браварството, потоа за агро-бизнис и прехранбената индустрија, а се отвораат фирми за инсталација на фотонапонски панели (соларни системи) и современи системи за видеонадзор и противпожарна заштита, кои се во огромен подем. Морам тука да ја споменам и денталната медицина, која од поодамна е присутна во нашата општина, па многу млади отвораат или се вработуваат во стоматолошките ординации и поликлиники, вели Алчинов, кој нагласи дека во Гевгелија моментално работат над 20 активни стоматолошки ординации и поликлиники, што го прави градот еден од најголемите центри за дентална медицина и здравствен туризам во регионот.

– Поради огромниот прилив на пациенти (посебно од соседна Грција) и поволните цени, Гевгелија важи за место со најмногу стоматолошки ординации по жител на Балканот, вели Алчинов.

Како еден од економски најактивните погранични градови, додава, Гевгелија нуди одлични можности, а младите локални претприемачи се насочуваат кон модерни и креативни дејности преку самовработување и меѓународни грантови.

Локалната заедница активно го поддржува овој тренд. Локалниот младински совет на Општина Гевгелија редовно организира настани како што беше овој „Младински бран“, со цел промоција на креативноста и на бизнис-потенцијалот на младите во градот.

(Љ. А.)

 

ИЗДВОЕНИ