Во рамките на првата теренската посета „Блиску до народот – доследни на зборот“, во организација на скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, во Општина Кисела Вода, се одржа средба со граѓаните во Домот на култура „Билјана Беличанец“, кој беше исполнет до последно место од жители што дојдоа да ги споделат своите идеи, предлози и проблеми.
Како што информираат градските власти, од средбата била испратена јасна порака дека вистинските промени се создаваат преку директна комуникација со граѓаните и преку заедничка работа на терен.
– Во отворен разговор со присутните граѓани беа разгледани актуелните проблеми со кои секојдневно се соочуваат жителите на Кисела Вода, тековните проекти што се реализираат, како и идните активности и планови за развој на Скопје – соопштија од Град Скопје.
Оттаму информираат дека на средбата присуствувале претставници на институциите, директори на јавните претпријатија, како и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, при што била нагласена заложбата институциите да бидат директно присутни меѓу граѓаните и навремено да одговараат на нивните потреби.
Теренските посети „Блиску до народот – доследни на зборот“ продолжуваат и во останатите скопски општини, со цел институциите да останат достапни, отчетни и блиски до граѓаните.











