Легендарниот шпански тенисер, Рафаел Надал, во новиот документарец на „Нетфликс“ откри досега непознати детали од најтешкиот период во својата кариера.

Освојувачот на 22 грен-слем титули призна дека 2015 година била вистински кошмар за него, не само на теренот туку и во приватниот живот.

  • Во текот на целата 2015 година имав многу тешка ситуација, не можев да ги контролирам моите емоции – призна Надал.

Шпанецот откри дека проблемите биле толку сериозни што постојано носел шише вода со себе.

  • Морав постојано да носам шише вода со мене за да не се удавам во сопствената плунка – изјави Надал во шокантното признание што го пренесе „Марка“.

Тој додаде дека на крајот побарал стручна помош.

  • Сфатив дека морам да одам на психијатар и тој ми даде лек што ми помогна – откри Шпанецот.

Таа сезона беше една од најлошите во неговата кариера. Освои само три помали титули, а на Ролан Гарос беше елиминиран од Новак Ѓоковиќ уште во четврт-финалето.

Надал зборуваше и за моментот кога реши да го вклучи Карлос Моја во својот стручен штаб, додека неговиот чичко, Тони Надал, дозна за тоа од медиумите.

  • Не беше пријатно. Мојата намера не беше да си замине Тони, туку да го додадам Карлос – објасни Надал.

Шпанецот призна дека снимањето на документарецот било дополнителен предизвик, особено за неговото семејство и за луѓето околу него.

  • Можеби сум навикнат да бидам изложен, но за луѓето околу мене тоа е многу потешко – заклучи легендарниот тенисер.

ИЗДВОЕНИ