Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на вечерашната прес-конференција изјави дека партијата е на прагот на голема и историска победа на локалните избори, нагласувајќи дека во голем број општини разликата е „убедлива и недостижна“.
ВМРО-ДПМНЕ е на прагот на огромна победа, разликата е некаде 3:1, има општини кадешто е 6:1, 7:1, а има општини кадешто е 10:1, а во некои општини СДСМ е трета партија, изјави Мисајловски.
Досега веќе се одбраа градоначалници во Кисела Вода, во Охрид, во Радовиш, во Берово, во Ѓорче Петров, во Гази Баба, во Пехчево, во Делчево, во Прилеп, во Битола, во Гевгелија, во Сопиште, во Штип, во Велес, Бутел, во Аеродром, во Јегуновце, во Вевчани, и на многу други места.
Бројките ги собираме и ве молам да бидеме прецизни, рече тој на прес-конференцијата.
Во однос на споменатите нерегуларности од страна на СДСМ, тој го кажа следново:
„Разликата е толку убедлива и огромна што нема простор за ваквото алиби на СДСМ со кое сакаат да се оправдаат од изборниот дебакл“.
Тој додаде дека според првичните резултати, партијата води и во Карпош и Скопје, иако во дел од општините ќе има втор изборен круг.
Мисајловски истакна дека победата што ја очекуваат е резултат на политиките што ги води ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека „Македонија оди напред, а не назад“.