Во фаза сме на консултација околу процесот за подготовка на предлог-Изборен законик, соопштија од Министерството за правда денеска за весникот ВЕЧЕР. Оттаму така одговорија на нашето новинарско прашање врзано за завчерашната изјава на министерот за евроинтеграции, Орхан Муртезани, кој соопшти дека промените во Изборниот законик „нема да може да се донесат во предвидениот рок“.
-Министерството за правда ги започна подготовките, но без поддршка од политичките чинители, неговото донесување не може да се реализира. Ќе следуваат разговори на политичките субјекти. Сепак, треба да се има предвид дека изборното законодавство бара широк политички консензус и тука ќе треба конструктивен пристап и поддршка од клучните политички фактори во земјата, нешто кое, за жал, во досегашните изборни циклуси резултираше со дискрепанци меѓу нацрт-верзијата на законот подготвена со поддршка на ОДИХР и усвоениот законик од страна на Собранието – соопштија од ресорот Правда.