среда, февруари 25, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Министерството за финансии инвестира во енергетската ефикасност и во модерното осветлување во...

Министерството за финансии инвестира во енергетската ефикасност и во модерното осветлување во општините

12

Министерството за финансии успешно ја продолжува реализацијата на проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, кој се спроведува со финансиска поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка.

Проектот претставува значаен чекор во насока на модернизација на јавната инфраструктура и унапредување на одржливото управување со енергијата во земјата.

Од Министерството за финансии информираат дека во рамките на компонентата „Инвестиции во општините“, како дел од овој проект, со вкупна вредност од 8,2 милиони евра, се обезбедува финансиска поддршка за реализација на проекти за реконструкција на јавни објекти со мерки за енергетска ефикасност, како и за модернизација на јавното осветлување во надлежност на општините.

– Во овој циклус успешно се реализирани три потпроекти за улично осветлување во Пробиштип, Ранковце и во Лозово, со вкупна инвестиција од 41.396.788 денари за замена со нови, енергетски ефикасни ЛЕД-светилки. Во Општина Пробиштип беше реализирана целосна замена на постојното улично осветлување со нови ЛЕД- светилки, со што беа опфатени централното градско подрачје и 29 населени места. За реализација на проектот во оваа општина, се инвестирани 23.032.497 денари и со него се овозможува значително подобрување на квалитетот на осветлувањето – потенцираат од Министерството.

Притоа, додаваат дека во Општина Ранковце биле поставени современи, штедливи ЛЕД-светилки во населените места Ранковце, Псача, Петралица, Опила, Љубинци и Гиновци.

–  Со инвестиција од 9.392.799 денари, овој проект придонесе за зголемена енергетска ефикасност и за повисоко ниво на безбедноста и на квалитетот на животот на локалното население во Ранковце – потенцираат од Министерството за финансии.

Што се однесува до Општина Лозово, од Министерството наведуваат дека преку овој проект била реализирана инвестиција од 8.971.492 денари и биле поставени нови, енергетски ефикасни ЛЕД-светилки во осум населени места, со што бил заокружен процесот на модернизација на уличното осветлување во Општината и се создале услови за значителна заштеда на електрична енергија.

– Реализацијата на овие проекти претставува конкретен придонес кон модернизирање на енергетската инфраструктура на локално ниво, исполнување на законските обврски што произлегуваат од современата енергетска рамка и јакнење на одржливиот развој.
Преку модернизацијата на уличното осветлување се постигнува значајна заштеда на електрична енергија, се намалуваат трошоците на општините и се обезбедува поквалитетна и побезбедна јавна услуга за граѓаните – децидни се од Министерството, нагласувајќи дека остануваат посветени за обезбедување стабилна финансиска поддршка и партнерства што носат долгорочни придобивки за заедницата, поттикнувајќи енергетска ефикасност, фискална одговорност и одржлив економски развој.

 

ИЗДВОЕНИ