Користејќи вештачка интелигенција, измамници се претставиле како високи раководители и украле 95 милиони евра од „Фидеурам“ (Fideuram), подружница на најголемата италијанска банка „Интеза Санпаоло“ (Intesa Sanpaolo). „Фидеурам“ е специјализирана за приватно банкарство, а информацијата ја потврдија два извора запознаени со случајот, пренесува Ројтерс.
Подоцна беа повратени повеќе од половината од средствата, додека околу 36 милиони евра сè уште недостасуваат.
Измамата започнала во февруари, кога Паоло Молесини, тогашниот извршен директор на „Фидеурам“, добил порака на „WhatsApp“ што изгледала како да е од Карло Месина, извршниот директор на „Интеза Санпаоло“. Во пораката се барала итна помош за доверлива трансакција во странство.
Потоа, измамниците му се јавиле на Молесини, а повикот наводно доаѓал од виш партнер во угледнa адвокатска канцеларија, кој ги потврдил инструкциите. Изворите тврдат дека напаѓачите користеле вештачка интелигенција за да го имитираат гласот на адвокатот.
Убеден дека барањето е веродостојно, Молесини му наложил на одделот за финансии да изврши серија плаќања на сметки во Кина и Хонг Конг. „Интеза Санпаоло“ и „Фидеурам“ одбија да го коментираат случајот.
„Фидеурам“ набрзо открил неправилности и ги известил банките и надлежните органи во неколку земји. Благодарение на соработката меѓу властите на Кина, Португалија и Италија, повратени се околу 53 милиони евра. Трагата по преостанатите средства се изгубила откако парите биле префрлени преку мрежа на офшор сметки и претворени во криптовалута.
Според изворите, ниту Молесини ниту други раководители на „Фидеурам“ не се под истрага. Обвинителството во Милано покрена истрага против странски државјанин кој живее надвор од Европа, а е осомничен за компјутерска измама.
Молесини поднесе оставка од функцијата извршен директор во март, наведувајќи лични причини.
Слична измама се случи и минатата година, кога напаѓачи користеа вештачка интелигенција за да го имитираат гласот на еден италијански министер. Тие го убедија претприемачот Масимо Морати да префрли речиси еден милион евра на офшор сметка, иако парите подоцна беа повратени.












