Мицкоски: За една година покачивме пензии и плати, развојот е возможен и на дофат

26

За една година покачивме пензии и плати, градиме патишта, имаме над 1.2 милијарди евра странски инвестиции и вработени 1000 полициски службеници. Имаме уште многу работа, развојот е возможен и на дофат, најдоброто допрва доаѓа, плодовите на нашата работа допрва ќе се чувствуваат, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил, по повод првата година од Владата.

Како што посочува, првпат после седум години, учебната година 2024-2025 година почна со испорачани учебници, над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден и покрај краткиот рок. Напомена дека се обезбедени 680 милиони денари буџет за наука во 2025 година, двојно повеќе од 2024 година.

Мицкоски информира дека се одобрени 229 милиони денари за проекти од областа на животната средина, а 500 милиони евра за бизнисот и капитални проекти за општините. Додаде дека македонската економија на четврто место во Европа според растот на БДП, во првиот квартал и се наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска.

-Секој почеток е тежок. Секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и како што народот вели, не почнуваш од нула, туку од минус. И повторно градиш темели, одново поставуваш столбови и ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени, рушени. Тие нови темели стануваат фундамент на новата иднина која заеднички ја градиме, тие нови темели се секојдневната борба за тебе и твојата иднина. Тие темели треба да го донесат времето на Македонија, време кое допрва доаѓа. Најдоброто кое допрва ќе се случи. Она што сите го очекуваме, сакаме, заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме. Земја на просперитет, ред, развој, почит, човечност, вредности. Земја со која ќе се гордееме, земја која ќе биде на вистинскиот пат, повторно твоја и ќе работи за тебе, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Како што потенцира, со истрајност, заедништво, труд и јасен план, развојот е возможен.

-Имаме уште многу работа, свесни за предизвиците на секојдневието и реалните проблеми на граѓаните, како што знаеме дека вие сте свесни што наследивме, дека чуда не се можни преку ноќ и дека не е лесно, но со истрајност, заедништво, труд и јасен план потпрен на темелите на развој кој ги поставуваме минатава година, развојот е возможен и на дофат, најдоброто допрва доаѓа, плодовите на нашата работа допрва ќе се чувствуваат. Секогаш блиску до народот и за граѓаните. Утре се гледаме на отчетот на првата година од Владата на промени во 20:00 часот. Една година од новиот почеток, една година градење темели, една година за тебе! Доаѓа Времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените, додава Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ