Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека, како Влада, ќе продолжат со политиката на субвенционирање за да не почувствуваат граѓаните ценовен шок. Тој не очекува некое големо отстапување од моменталната цена. – Дали ќе биде 0, 1, 2, 3 проценти или некој процент повеќе или помалку, тоа ќе одлучи регулаторот – изјави премиерот.
Тој појасни дека приходите на АД ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ се од неколку основи, а најголемиот приход доаѓа од електричната енергија што му ја продава на снабдувачот, тоа е „ЕВН Хоум“. Дел од приходите се од многу повисоката цена со која ги покриваат загубите и дел од приходите што ги добиваат се од електричната енергија што ја продаваат преку т.н. повластени тарифи.
– Загубите, да речеме, ќе ги продава по 105 евра за мегават-час. За да немаат граѓаните ценовен шок, продолжуваме да субвенционираме. Цената за снабдувачот ќе биде 65 евра. Кога ќе се заокружи сето тоа, веќе доаѓаме до некој „микс“ помеѓу 75 и 80 евра. Ако се има предвид дека се намалува увозот на јаглен, потребно е да се зголеми производството на домашен јаглен. Се подготвуваат рударски проекти. Од друга страна, се акумулираше доволно енергија во хидроелектраните, бидејќи таму производствената цена е најмала и е 20 евра за мегават-час – рече Мицкоски и додаде дека производствената цена на ветерниците е 89 евра за мегават-час.
Тој очекува да продолжи овој тренд во 2026 и во 2027 година и, како што вели, во 2027 година практично да се инјектираат цената на чинење на електричната енергија за АД ЕСМ и онаа цена по која ќе ја продаваат на пазарот.
– Нема да дозволиме да се случи нешто што не треба да се случи, бидејќи ако оставиме на слободниот пазар, како што беше тоа намера на претходната Влада, од 1 јануари или дури и претходно требаше граѓаните денеска да плаќаат до 50 проценти поскапа цена за електрична енергија. Веќе година и пол сме Влада и ја субвенционираме таа електрична енергија. Нормално, не правиме кампања од тоа, како што правеа тие на оние сметки што ги доставува ЕВН. Тоа се нормални работи за една влада – да ги штити интересите на граѓаните – истакна Мицкоски.
Премиерот додаде дека во три регулирани периоди, а тоа се 1 јули 2024, 1 јануари 2025 и 1 јули 2025, немало покачување на струјата за домаќинствата.












