понеделник, февруари 23, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Мицкоски: Се создаваат услови знаењето да се претвори во иновации и нови...

Мицкоски: Се создаваат услови знаењето да се претвори во иновации и нови работни места

11

Со формирањето на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, Владата најавува засилен фокус кон економијата базирана на знаење и иновации. На конститутивната седница, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Советот ќе биде инструмент на стратешка промена, преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат двигатели на економскиот раст.

– Светот се менува со огромна брзина. Дигитализацијата, новите технологии и истражувањето го дефинираат напредокот на нациите. Нашата цел е јасна: да создадеме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните – рече премиерот.

Истакна дека самата структура и состав на Советот, кој ги обединува клучните министерства и ресори, академската заедница и експертите од различни области, гарантира интегриран и стратешки пристап во носењето одлуки.

Додаде дека ова тело ќе обезбеди координација помеѓу образованието, науката, дигиталната трансформација и економските политики.

– Наша цел е мерките да бидат конзистентни, транспарентни и ефективни, со јасни индикатори и мерливи резултати. На оваа прва седница го усвојуваме клучниот документ за следните четири години: четиригодишна програма за поттикнување на иновациите, научно-технолошкиот развој и на претприемништвото. Оваа програма не е само административен акт. Таа е визија за развој заснован на науката, истражувањето и на дигитализацијата. Таа создава рамка за поддршка – од првата идеја, преку истражувачки развој и пилотирање, до целосна комерцијализација – посочи Мицкоски.

Тој потенцира дека со оваа политика создаваме основа за отворање нови, квалитетни и добро платени работни места.

– Поддржувајќи ги стартапите, технолошките компании, истражувачките центри и иновативните мали и средни претпријатија, директно инвестираме во подобра економија – економија што создава вредност, извезува знаење и гради долгорочна стабилност. Во координација со Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за економија и труд, како креатори на политиките, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА е главен спроведувач на програмата. Но успехот нема да биде резултат на една институција, туку на заедничка работа. Владата, ИНОВА, универзитетите, истражувачките институти, приватниот сектор и претприемачите мора да дејствуваат како единствен екосистем – рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека овој Совет испраќа јасна порака дека Македонија избира економија базирана на знаење.

– Избираме инвестиции во науката и истражувањето. Избираме дигитална трансформација. Избираме нови работни места, поголема продуктивност и подобар стандард за сите граѓани. Време е да ги претвориме идеите во конкретни проекти, истражувањето во решенија, а визијата во реални резултати – заклучи Мицкоски на конститутивната седница на Советот за иновации.

ИЗДВОЕНИ