вторник, февруари 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мицкоски: Подготвен сум полагањето на правосудниот испит да го утврдиме со закон...

Мицкоски: Подготвен сум полагањето на правосудниот испит да го утврдиме со закон и на сите јазици на делови на народите спомнати во уставната преамбула

561

Прашањето на употребата на албанскиот јазик при полагањето на правосудниот испит треба да се утврди со посебен закон, но правото да го добијат и припадници на сите други народи наведени во уставната преамбула, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарско прашање врзано за новопојавениот проблем во релациите меѓу владините партнери Вреди и ЗНАМ за време на денешната посета на Кисела Вода, премиерот рече дека политичка волја од негова стана има.

-За да дојдеме до решението треба да ја гледаме суштината. Уставот е јасен и вели дека официјалниот јазик во Македонија и во меѓународната употреба е македонскиот јазик. Но, исто така, официјален јазик е и албанскиот, односно, јазико на заедницата која е застапена со повеќе од 20 проценти. Тоа е амандманот 5 кој што го заменува членот 7 од Уставот. Јасно стои дека коминикацијата во институциите на државната управа може да се одвива и на јазикот на заедницата која е застапена повеќе од 20 проценти откако тоа ќе биде утврдено со законот. Значи, ние мораме овој процес на полагање најпрвин да го утврдиме со закон- рече Мицкоски.

Според него, Законот, таков каков што си е, не дозволува таков вид на полагање.

-Јас сум подготвен тоа да го регулираме со закон. И не само за албанскиот јазик туку и за јазиците на сите делови на народи коишто се спомнети во Преамбулата на Уставот. Затоа што Уставот, исто така, вели дека во единиците на локалната самоуправа каде имаме националност која што е застапена повеќе од 20 проценти, комуникацијата со подрачните служби на министерствата се одвива на мајчиниот јазик на таа националност. На пример, во Центар Жупа се одвива на турски јазик, во Шуто Оризари на јазикот на роската заедница. Лично ако мене ме прашате, потребни се правни решенија кои ќе бидат квалитетни. Да се повикувате на Устав, на законот а самите да не го објаснуваме тоа како е, мислам дека е обично и класично политиканство. Подготвен сум да се направи закон, тој да се прати во Венецијанска комисија и таа да го даде своето мислење. Политичка воља од моја страна има и јас утре ќе ги викнам луѓето за да разговараме за да најдеме решение. Целта на оваа Влада е да ја развива Македонија и да одиме во ЕУ – нагласи премиерот. (Б.Ѓ.)

Фото: ФБ Влада на РСМ

ИЗДВОЕНИ