четврток, јули 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мицкоски: Немам амбиции за претседател на државата, мојата цел е да ја...

Мицкоски: Немам амбиции за претседател на државата, мојата цел е да ја предводам партијата кон нова убедлива победа на следните избори

13

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски изјави дека нема амбиција да биде кандидат за претседател на државата, нагласувајќи дека неговата цел е како лидер на ВМРО-ДПМНЕ да ја предводи партијата кон нова убедлива победа на следните парламентарни избори и да продолжи со реализација на владините политики.

– Кога ќе завршам со овој дел од мојот живот како претседател на Владата ќе се вратам на факултет кај студентите, јас никогаш не кажав кога тоа ќе се случи, дали за година, 5, 10 години. Ќе треба овие кои што се уплашени од мене, а кои што континуирано ги гледам како ми претскажуваат некаков крај, да се потрудат малку повеќе, за тоа да трае малку пократко. Јас пак од друга страна ќе се потрудам малку повеќе за тоа трае подолго. Што подразбира тоа? Тоа подразбира дека планирам убедливо како претседател на ВМРО-ДПМНЕ да предводам кон уште една огромна парламентарна победа во која што задоволен би бил доколку успееме на тие избори да го подобриме резултатот од тој кој што го имаме пред повеќе од 2 години – рече премиерот во гостување на „Сител“.

Имам уште многу работи да направам и за граѓаните и за државата бидејќи од оваа улога можам точно да видам што е она кое што боло погрешно направено изминатите децении, додаде тој.

– Граѓаните заслужуваат да биде подобро, мотивиран сум и работам како никогаш во мојот живот. Се обидувам да помогнам на секој еден на кој што можам, бидејќи јас не сум чудотворец и не можам на сите да помогнам и да правам чуда. Но, во рамките на моите можности секогаш се трудам да помогнам. И нормално, она кое што од мене го очекуваат граѓаните, да ја спроведам правдата во рамките на моите ингеренции како претседател на Владата. Така што еве уште еднаш потврдувам дека немам амбиција да бидам претседателски кандидат – рече Мицкоски.

Тој повика во Изборниот законик да се најде начин дијаспората да гласа, електронски или преку писма, со цел да се зголеми излезноста на изборите, а правото на гласање да се оствари на наједноставен начин.

Отворени сме, посочи, уште денеска, утре, да разговараме за сите модалитети.

– Јавно кажувам, дајте да најдеме начин како да го зголемиме гласањето на дијаспората. Не е битно дали тоа ќе биде електронско, дали ќе биде со писма. Дајте да најдеме начин, да најдеме некоја пракса во светот како би успеале на тие луѓе да им овозможиме правото на гласање да го остварат на поедноставен начин, бидејќи сега, конкретно го давам примерот со австралискиот континент, вие треба да патувате и по 10 часа авионски за да го остварите своето право и да се вратите назад. Ретко кој ќе биде мотивиран и инспириран тоа да го прави, но доколку му овозможите преку својот паметен телефон или еве преку пошта, со писма или како било, нека се најде начин како тоа ќе се направи. Подготвени сме да седнеме да разговараме само да ја зголемиме излезноста кај дијаспората. Ние сме подготвени повторно да преговараме. Имаме време да го завршиме Изборниот законик. Впрочем, и не се важни средствата коишто ќе ги изгубиме. Важно е да имаме Изборен законик којшто ќе ги вклучува и содржи во себе препораките на ОБСЕ и на ОДИХР и којшто ќе обезбеди поголема излезност за време на изборите, ние велиме, од претседателските во 2029 година, па натаму – рече Мицкоски.

Суштината, посочи, е да обезбедиме поголема излезеност на дијаспората, поголема комуникација меѓу татковината и дијаспората, затоа што целта ни е да ги вратиме тие луѓе.

– Ова ќе им биде еден мост, едно чувство дека тие учествуваат во политиките во сопствената држава, во татковината од којашто поради икс причини заминале, некои засекогаш, некои привремено. Целта ни е да ги вратиме тие луѓе. Е сега, некој се одлучи да прави филибастеринг и да не го дозволи правото на дијаспората да се чувствува како да е дома – наведе Мицкоски.

Додаде дека не може да прифати дека со електронското гласање може да се случи изборен грабеж, затоа што, како што рече, не слушнал ниту еден аргумент како ќе се направи тоа.

– Ние сме земја членка на НАТО, врховен командант е претседателот на државата. Ние не би требало да влеземе во еден процес којшто во континуитет ќе рефлектира нестабилност. Или пак ќе се претвори во внатрешни политички претумбации или пазари и така натаму. Суштината е дека со поголема излезност на дијаспората, ние имаме поголемо национално чувство кај нив. Има и економски аргумент. И сега ние имаме гласање на дијаспората, но само во дипломатско-конзуларните претставништва. Трошиме милиони, праќајќи луѓе од тука да одат таму, да го спроведат процесот на гласање и да се вратат назад и во прв и во втор круг. Имаме многу аргументи зошто треба да го поедноставиме тој процес, а не да го усложнуваме – рече Мицкоски.

Тој вели дека не знае зошто се случи флибастеринг на Изборниот законик од СДСМ и од Левица, иако се било договорено.

– Едните ќе правеле 10.000 амандмани, другите ќе правеле 3.500 амандмани. Во ред, се борат и Левица и СДСМ против дијаспората. Јас не ги разбирам зошто тоа го прават. Прво, не можам да ги сфатам СДСМ зошто имаат чувството дека во 2029 година ќе бидат опозиција, претпоставувам уште од сега мислат дека ќе ги изгубат следните парламентарни избори, иако најавуваат во нивната реторика дека ќе ме апселе мене пред да сум се врател на факултет итн. Тоа значи дека тие уште од сега велат дека во 2029 година ќе бидат опозиција и власта тогаш ќе ги намести изборите, тоест ВМРО-ДПМНЕ. Во ред, тоа можам еве да го прифатам како констатација дека тие однапред признаваат од денешна оптика дека тогаш ќе бидат опозиција. Јас тој губитнички менталитет не го разбирам, но ете, тие го имаат тој губитнички менталитет – рече Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ