Премиерот Христијан Мицкоски смета дека Обвинителството треба да се остави да постапува по доказите поднесени вчера од скопската градоначалничка Данела Арсовска во врска со незаконски легализирани дивоградби во општина Чаир, а неа ја охрабри да пријави во МВР дека добива закани по живот.
Јас навистина жалам ако се случува тоа да градоначалничката на Скопје Данела Арсовска добива закани по живот и ја охрабрувам веднаш да појде во МВР, а МВР да испита кој е заканувачот и веднаш да постапи по истите, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги нејзините изјави дека добива закани зашто објавува за дивоградбите во Општина Чаир.
Арсовска две недели во пренос на живо на Фејсбук објавува дивоградби во Чаир и го обвинува градоначалникот Висар Ганиу дека незаконски, со фалсификувани документи легализира згради. Таа вчера достави докази во Основното јавно обвинителство (ОЈО) во врска со легализирани дивоградби во Општина Чаир и рече дека в понеделник ќе донесе уште докази.
„Доколку тие докази се доставени до Јавното обвинителство, предагам да го оставиме да сработи и се разбира доколку им такви докази да се постапува по истите. Нема дилема, не можеме да санкцонираме или да не санкционираме други, Законот мора да важи за сите. Но да го оставиме Јавното обвинителство да сработи“, одговори Мицкоски на новинарско прашање по посетата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Тој кажа и дека првата половина на јули ќе се знае кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ. На Локалните избори во 2021 кандидатка на неговата партија беше Данела Арсовска.