Многу скоро ќе има предлог-решение за ублажување на порастот на цените на прехранбените производи, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој не прецизираше за какво решение се работи, но рече дека се следи ситуацијата и дека сериозно пристапуваат на решавање на проблемот.
– Се консултираме со експертската јавност, следиме што се случува со однесувањето на трговците, производителите, дистрибутерите и на ланците на трговци, така што ова е еден сериозен процес во кој сериозно навлегуваме и мислам дека многу скоро ќе излеземе со предлог-решение, рече Мицкоски.
Инаку, пред два дена министерот за економија Бесар Дурмиши рече дека не е забележано драстично зголемување на цените на прехранбените производи.
– Нема драстично зголемување на цените во делот каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец, Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен и ќе гледа, ако случајно се случува да имаме енормно зголемување без економски оправданост од трговците на цените, нормално дека пак ќе донесеме одлуки и тоа сум кажал и во други изјави дека ќе донесеме поригорозни мерки од тоа што сме ги презеле досега, изјави Дурмиши.
Спротивно на тврдењето на власта, статистика покажа дека во мај 2025 година годишната инфлација изнесува 3,3 проценти, што е значително зголемување во однос на април, кога беше на ниво од 2,6 проценти. Најмногу поскапеле рестораните и хотелите, каде цените се зголемени за 7,8 проценти во однос на истиот месец лани. Веднаш зад нив е категоријата храна и безалкохолни пијалаци, која бележи годишен пораст од 4,1 проценти.
Инаку, од Организацијата на потрошувачи на Македонија претходно предложија мерките да траат подолг период за да имаат ефект.
– Мерките треба да траат подолг временски период и да не се носат само поради изборите, туку да траат и по изборите. Откако се тргна мерката за замрзнати маржи, цените во маркетите се вивнаа нагоре. Така, сега, доколку се донесе одлука да се врати мерката, треба и цените да се вратат назад. Ако се замрзнат маржите на овие цени, ништо не сме направиле. Значи, ако решат повторно да воведат мерки, треба да ги земат предвид цените на прехранбените производи пред 1 мај, односно кога сè уште важеше мерката замрзнати маржи – изјави претходно за весникот ВЕЧЕР претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова.
Според неа, за да имаат поголем ефект врз животниот стандард на граѓаните и за да ги дисциплинираат трговците, мерките треба подолго да траат, а не само по месец-два.
– Нема толкаво покачување на платите за цените толку да отидат нагоре. Цените на храната во Македонија се повисоки од оние во Србија и се меѓу највисоките во регионот. Поради тоа, граѓаните ја трошат речиси цела плата на храна и на сметки и немаат пари за други производи. Со тоа се менува и структурата на потрошувачката и другите трговци не може да опстанат, појасни Лончар-Велкова.
Инаку, Владата во февруари ги ограничи маржите на повеќе од 100 групи на производи, а мерката траеше до 30 април.