Еден од најголемите фудбалери на сите времиња донесе голема одлука – Лионел Меси повеќе нема да игра за аргентинската репрезентација.
Меси објави емотивно проштално писмо и потврди дека по 20 години го затвора едно од најголемите поглавја во својата кариера.
Одлуката ја донел по Светското првенство, а откри дека прошталното писмо всушност го напишал уште на 21 јули, само два дена по финалето. Сепак, тогаш не го објавил, а по сè што се случило со неговиот татко, решил дека повеќе нема дилема околу неговата иднина во репрезентативниот дрес.
Во долгата порака Меси се прости од навивачите, соиграчите, тренерите и сите кои го следеа во текот на две децении во аргентинската репрезентација. Тој порача дека одлуката исклучително го боли, но смета дека дошол моментот да си замине и да им го препушти местото на новите генерации.
„Помина извесно време од финалето и, откако многу размислував, сакам на сите да ви соопштам дека се повлекувам од репрезентацијата…
Тоа беше одлука која ме болеше и сè уште ме боли во душата, но сфаќам дека дојде време. Ви се колнам дека секогаш го давав максимумот од себе, не само во последните години кога освоивме сè, туку и пред тоа. Секогаш се борев и давав сè за овој дрес, за да ви донесам радост и да ве натерам преку фудбалот да се гордеете што сте Аргентинци.
Остана уште малку и некои поглавја се затвораат, а ова е едно од оние што многу ме болат. Го сакам, го сакав и секогаш ќе го сакам играњето за репрезентацијата. Дадов сè од себе, повеќе немам што да дадам, а зад мене доаѓаат одлични млади играчи кои заслужуваат да бидат тука.
Ви благодарам за сета љубов во текот на овие 20 години. Многу ќе ми недостига да ве слушам додека сум на теренот. Сега ќе бидам еден од вас, ќе навивам и секогаш ќе давам поддршка однадвор, во добрите, а уште повеќе во лошите моменти.
Благодарам на моето семејство што секогаш беше со мене и ме следеше на ова прекрасно, но тешко патување. Благодарам на секој тренер, соиграч и челник со кој имав можност да го споделам овој пат. Со себе ги носам спомените и незаборавните моменти.
Заминувајќи сум мирен и горд што, заедно со моите соиграчи, ви подаривме моменти за кои сонувавме. Беше лудо сето тоа да го доживееме со вас. Ве сакам!
Му благодарам на Бог што ме направи Аргентинец.
Ајде, Аргентина!“
На самиот крај Меси додаде важна напомена која открива дека одлуката не била донесена преку ноќ.
„Овие зборови ги напишав на 21 јули, два дена по финалето. Денес, по сè што се случи со мојот татко, уште повеќе сум уверен во својата одлука отколку порано“, заклучи Меси.
View this post on Instagram












