Конфликтот околу новиот седумгодишен буџет на Европската унија се продлабочува. Додека Германија и другите земји кои се нето-уплатувачи во буџетот бараат кратења, бројни земји-членки предупредуваат дека веќе нема простор за дополнителни намалувања.
Во моментов нема знаци за компромис во спорот околу новиот повеќегодишен буџет на Европската унија за периодот 2028–2034 година. На самитот на ЕУ во Брисел, германскиот канцелар Фридрих Мерц и лидерите од другите побогати земји-членки инсистираат на значителни намалувања на предложениот буџет.
Наспроти нив стои голема група земји кои одбиваат понатамошни кратења. Станува збор главно за држави кои добиваат повеќе средства од заедничката каса на ЕУ отколку што уплаќаат – особено преку фондови наменети за развој на помалку развиените региони.
Во Брисел, Мерц ги опиша разговорите како „многу, многу тешки преговори“ и јасно стави до знаење дека не очекува брзо решение.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон истакна дека сегашниот предлог „не претставува ниту основа за преговори“. Заедно со Германија, Холандија, Австрија и Финска, Шведска спаѓа во земјите кои во буџетот на ЕУ уплаќаат значително повеќе отколку што добиваат од него.
Предлогот што моментално е предмет на дискусија предвидува буџет од приближно 1,826 трилиони евра за седумгодишниот период. Оваа сума е веќе за околу 159 милијарди евра помала од првичниот предлог на Европската комисија. Сепак, за Берлин и за другите земји кои се нето-уплатувачи, дури и ова не е доволно.
За Мерц, овој спор има и значајна внатрешнополитичка димензија. Поголем германски придонес во европскиот буџет би можел дополнително да ја ослаби неговата позиција во земјата – особено во време кога Германија води дебата за мерките за штедење и за зголемените буџетски оптоварувања, пренесува „Дојче веле“.
Партијата „Алтернатива за Германија“ (AfD) веќе остро го критикуваше првичниот предлог на Европската комисија од два трилиони евра, повикувајќи на намалување на европските трошоци. Како најголема економија во Европската унија, Германија моментално учествува со повеќе од една петтина во националните придонеси за заедничкиот буџет.
Мерц тврди дека сегашниот предлог е сè уште преголем.
„Тој е за 50 отсто поголем од износот што го издвојуваме во рамките на тековната повеќегодишна финансиска рамка“, изјави Мерц. Според него, ниту една земја-членка не може да си дозволи такво зголемување на придонесите.
Тој, исто така, ги поврза евентуалните германски отстапки со понатамошна дерегулација во рамките на Европската унија. „Ако не успееме значително да ја намалиме прекумерната бирократија во Европа, тогаш нема многу смисла воопшто да разговараме за пари“, нагласи тој.
Што се однесува до приоритетите за идниот буџет, Мерц смета дека дополнителните средства треба првенствено да се насочат кон конкурентноста на европската економија и кон одбраната.
Тој не гледа потреба од дополнително финансирање за земјоделската политика или за кохезионите фондови – при што вторите се особено важни за посиромашните земји-членки на ЕУ.












