четврток, јули 16, 2026
Дома СПОРТ Мбапе жестоко ги критикуваше соиграчите по поразот

Мбапе жестоко ги критикуваше соиграчите по поразот

25
epa13111835 Kylian Mbappe of France reacts after losing the FIFA World Cup 2026 semifinals match France against Spain, in Dallas, USA, 14 July 2026. EPA/CHRISTOPHER NEUNDORF

Шпанија ја победи Франција (2:0) во полуфиналето на Светското првенство. Стрелци на погодоците беа Микел Ојарзабал во 22. Минута, од пенал и Педро Поро во 58. минута. Шпанија во финалето, кое ќе се игра на 19 јули со почеток во 21:00 часот, за противник ќе го има подобриот од полуфиналната пресметка помеѓу селекциите на Аргентина и на Англија.

Капитенот на Франција, Килијан Мбапе, беше немоќен од првата до последната минута на натпреварот. Во претходните шест дуели на СП, тој постигна осум гола и намести три, но против Шпанија ништо не му успеа, а истото важи и за неговите соиграчи, кои беа јавно критикувани од него, по натпреварот.

– Не одигравме натпревар каков што моравме да одиграме. Ниту тактички, ниту технички, ниту според нивото што го покажавме. Кога не го правиш она што треба во полуфиналето на Светското првенство, не можеш да победиш. За разлика од нас, Шпанците се држеа до својот план. Ова е тим што сака да ја има топката, да го контролира поседот и да го диктира ритамот. Нашата идеја беше да ги притиснеме високо и да ги спречиме да ја внесат играта во ритам што им одговара, но не успеавме во тоа – изјави Мбапе.

Капитенот на Франција наведе што правеше погрешно неговиот тим.

– Направивме премногу технички грешки. Кога имавме шанса да им се заканиме, не знаевме како да го направиме тоа. Дозволивме да го диктираат темпото наместо да го менуваме балансот на моќта. Тука потфрливме.

Во пресингот, постојано бевме во ситуација три на два на средината од теренот и веднаш стана тоа голем проблем против Шпанија. Фабијан Руис и Родри имаа премногу време за игра. Ни недостигаше комуникација во пресингот. Требаше да играме повеќе еден на еден и да ги натераме да трчаат без топката затоа што не им се допаѓа тоа – кажа тој.

Интересно, но фудбалерот на шпанскиот гигант Реал Мадрид не застана тука со критиките.

– Дури и да го добиевме поседот, првиот допир и првото додавање не беа на нивото на полуфинале на Светското првенство. Кога ќе се состави сè, губите. Како и сите други, чувствувам огромно разочарување. Сонувавме за финалето, сакавме да ѝ дадеме на Франција уште една шанса да сонува и да ја препише историјата – додаде тој.

На крајот, Мбапе откри што мисли за натпреварот за третото место.

– Мораме да се соочиме со ова со кренати глави. Разочарувањето е толку големо што е тешко да се опише со зборови. Ќе мора да се собереме, да одиме на одмор и да продолжиме понатаму. Фудбалот не чека никого. Нè чекаат нови предизвици, во клубот и во репрезентацијата – заклучи Мбапе.

ИЗДВОЕНИ