Масакрот траеше 11 минути: Во автомобилот на напаѓачите на плажата Бонди во Сиднеј пронајдени знамиња на ИСИС?

875

 Меѓу 16 починати, кои се на возраст од 10 до 87 години, е и таткото напаѓач, Саџид Акрам, кој е убиен од полицијата, додека неговиот син Навид е во болница, тешко ранет. Меѓу жртвите е Евреин од Франција, кој бил фудбалер во македонскиот клуб „Рокдејл Илинден“ во Австралија, како и човек кој го преживеал Холокаустот. Откриено е дека Саџид Акрам легално поседувал дури шест парчиња огнено оружје и бил член на ловечкиот клуб „Застава“, кој во Сиднеј го водат Срби.

 

Педесетгодишниот Саџид Акрам, и неговиот син, 24-годишниот Акрам, се осомничени за масакрот на плажата Бонди во Сиднеј, Австралија, во неделата, во кој имаше 16 жртви на возраст од 10 до 87 години, а 38 лица беа повредени, објави полицијата на Нов Јужен Велс на својата веб-страница. Портпаролот на здравствената служба на Нов Јужен Велс во понеделник потврди дека 27 лица сè уште се лекуваат во неколку болници во Сиднеј, од кои шест се борат за живот во критична состојба, додека други шест се во критична, но стабилна состојба. Вкупно 42 пациенти биле префрлени во болница или сами побарале помош по нападот. Како што јави AБЦ, повикувајќи се на висок австралиски функционер, во автомобилот на напаѓачите се пронајдени две знамиња на ИСИС, но полицијата на Нов Јужен Велс не ја потврди таа информација.

Меѓу 16 починати е и постариот напаѓач, кој е убиен од полицијата, додека неговиот син е ранет и во критична состојба е пренесен во болница, каде што е под посебен надзор. Според началникот на полицијата, Мал Ланион, нема индикации дека тие имале соучесник, или дека имало трет напаѓач на семејствата од еврејската заедница кои на плажата го прославувале првиот ден на празникот Ханука.

Откриено е дека Саџид Акрам легално поседувал дури шест парчиња огнено оружје, за кое имал дозвола од 2015 година. Тој бил член на ловечкиот клуб „Застава“, кој во Сиднеј го водат припадници на српската заедница. Во паричникот на неговиот 24-годишен син била пронајдена членска картичка од клубот, но сè уште не е официјално потврдено дека бил член. Премиерот, Антони Албанезе, изјави дека синот бил истражуван од безбедносните служби во 2019 година поради поврзаност со терористичката организација Исламска држава. По шестмесечна истрага, разузнавачката агенција АСИО заклучила дека „нема индикации за каква било постојана закана или закана за насилство“. Министерот за внатрешни работи, Тони Бурк, додаде дека таткото, Саџид Акрам, влегол во Австралија со студентска виза во 1998 година, додека синот, Навид, е роден во Австралија во 2001 година.

Постојат повеќе снимки од нападот што траел околу 11 минути – од безбедносни камери, минувачи, беспилотни летала, медиуми. Од нив се гледа како се одвивал масакрот. Еден од напаѓачите ја зазел позиција на блискиот пешачки мост, од каде што пука повремено прекинувајќи за да го наполни оружјето и им се заканува на минувачите. Вториот, облечен во бели панталони и со ранец на грб, отвора непрекинат оган врз мажи, жени и деца кои панично се обидуваат да побегнат. За да не биде епилогот на овој напад уште пострашен, како што се гледа од снимките, помогнал Ахмед ел Ахмед, бегалец од Сирија, кој во Сиднеј живее една деценија. Овој 43-годишен скромен сопственик на продавница за овошје и татко на две деца, стана глобален симбол на храброст откако со голи раце разоружа еден од напаѓачите на плажата, при што беше застрелан двапати. На видеото се гледа како Ахмед претпазливо се провлекува зад паркирани автомобили, приближувајќи се кон постариот напаѓач, Саџид Акрам. Кога се приближил доволно, се стрчал кон него и по борба успеал да му ја одземе пушката од рацете, по што ја насочил кон него и го принудил да се повлече. Благодарните граѓани ширум светот досега донираа околу 615.000 евра за него, а посебно се издвојува донацијата на еден американски бизнисмен, кој за „јунакот од плажата Бонди“ уплатил 99.999 долари (околу 85.000 евра), колку што е максимумот за интернетска донација.

Најмладата жртва на нападот е 10-годишната Матилда, поранешна ученичка во руското училиште „Хармони“ во Сиднеј. За само неколку часа, страницата „Гофундми“ собра 45.000 долари за нејзиното семејство. Најстарата жртва има 87 години и е човек кој го преживеал Холокаустот. Според „Раша тудеј (РТ)“, тоа е Александар Клајтман, по потекло од Одеса. За време на нападот, тој со своето тело ја заштитил сопругата Лариса, со која бил во брак 50 години и благодарение на тоа таа преживеала. Во нападот е убиен и организаторот на прославата на Ханука, 41-годишниот рабин Ели Шлангер од Британија, кој е татко на пет деца, од кое најмалото има само два месеца, како и уште еден рабин, Јаков Левитан, кој бил координатор на активностите во Сиднеј. Меѓу жртвите е и францускиот државјанин, Евреинот Дан Елкајам, кој во Австралија се преселил лани. Тој бил фудбалер во македонскиот полупрофесионален фудбалски клуб „Рокдејл Илинден“. Убиен е и  поранешен полицаец кој го сликал празнувањето – се нашол на погрешно место во погрешно време.

Австралија прогласи ден на жалост, а властите најавија поригорозен закон за оружје. Повеќе муслимански заедници во Австралија го осудија нападот на плажата Бонди, додека имами одбиваат да извршат погребен обред на загинатиот напаѓач. Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, директно ја обвини австралиската влада за неуспеси во борбата против антисемитизмот, што, според него, довело до трагедијата, објави „Гардијан“.

 

 

ИЗДВОЕНИ