понеделник, септември 28, 2026
Дома СВЕТ Марија Захарова го критикуваше Канје Вест: Им се извини на Евреите, а...

Марија Захарова го критикуваше Канје Вест: Им се извини на Евреите, а што е со Русите?

0

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека американскиот рапер Канје Вест им се извинил на Евреите поради поддршката на нацизмот, но не и на Русите, Белорусите и другите народи во Русија.

Захарова наведе дека Вест на 8 мај 2025 година, во пресрет на годишнината од победата над нацистичка Германија, објавил спот во кој во рефренот се повторува „слава на Хитлер“, додека на крајот е уфрлена снимка од говор на Хитлер од 1930 година, пренесува „РИА Новости“.

„Кога слушам дека тој наводно им се извинил на Евреите, сакам да прашам: а на Русите? А на Белорусите? А на припадниците на другите народи кои живеат овде? Можам да ви кажам, не се извини“, рече Захарова во подкастот на блогерот Георгиј Ивашченко.

Таа потсети дека за време на Втората светска војна, како што наведе, Русија изгубила 27 милиони луѓе и истакна дека меѓу жителите на Санкт Петербург сè уште има живи луѓе кои ја преживеале блокадата на Ленинград.

Захарова рече дека еден од нив, откако дознал за планираниот настап на Вест во тој град, бил толку потресен што почнал да се гуши.

Захарова го поддржа и режисерот Никита Михалков, кој рече дека концертот на Вест во Санкт Петербург би претставувал понижување и навреда за градот кој ја преживеа блокадата. Михалков, според нејзините зборови, потсети дека Вест со продажба на маици со ознаки „HH“, кои се поврзуваат со нацистички слоган, заработил 40 милиони долари, како и дека неговите песни завршуваат со снимки од говорите на Хитлер.

Кога станува збор за најавените концерти на Вест во Санкт Петербург, агенцијата „Сај“ во средината на август објави дека американскиот рапер требало да настапи на 10 и 11 октомври во „Газпром арена“. Меѓутоа, управата на стадионот потоа соопшти дека не заклучила договор за закуп за одржување на концертите, поради што тие не можат да се одржат на таа локација.

Гувернерот на Санкт Петербург, Александар Беглов, на 25 септември изјави дека не добил ниедно барање во врска со концертот и дека не знае дали тој ќе се одржи, додека новинарот Дмитриј Кисељов претходно рече дека концерт на Вест во тој град нема да има.

ИЗДВОЕНИ