Малите и средните претпријатија се ’рбетот на економијата и треба да бидат лидери на економските промени. Министерството за економија и труд подготви петгодишна национална стратегија за развој на малите и на средните претпријатија, која треба да овозможи поголема конкурентност и зголемување на извозниот потенцијал на овие претпријатија.
Стратегијата содржи мерки за поедноставување на регулативите, подобрување на пристапот до финансии и поддршка за зелена и дигитална транзиција на овие претпријатија.
Малите и средните претпријатија сочинуваат речиси 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедуваат егзистенција за речиси три четвртини од вработените.
– Малите и средните претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивни успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со стратегијата за МСП 2025 – 2030, создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници – истакна министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Документот, како што посочи Дурмиши, е изработен со инклузивен процес и е целосно усогласен со политиките на Европската Унија.
– Стратегијата директно ја подготвува нашата економија за интеграција во единствениот европски пазар – рече Дурмиши.
Спроведувањето на оваа стратегија ќе ја координира Министерството за економија и труд, во партнерство со релевантните институции, стопанските комори, финансиските институции и меѓународните партнери. Предвидени се и механизми за редовно следење и оценување со цел обезбедување транспарентност и мерливи резултати во периодот 2025 – 2030 година.












